Во 2018 година имаме највисок раст на просечната нето-плата во последните девет години, дури неколкукратно повисок во однос на претходните години, вели за МИА министерот за финансии Драган Тевдовски.
Како што наведува, во 2018 година се чувствува ефектот на раст на минималната плата, но исто така влијание има и растот на продуктивноста.
-Во декември 2018 година просечната плата се приближува до 26 илјади денари или тоа е скоро две илјади денари повеќе во однос на декември 2017 година. Ова несомнено најголем раст на просечната плата последниве девет години. Втор најголем раст имаме во 2017 година. Ако во 2017 ефект имаше подигнувањето на минималната плата, во 2018 година воочлив е ефектот на зголемување на продуктивноста на фирмите, вели Тевдовски.
Тој очекува позитивниот тренд да продолжи и наредниот период. Позитивен ефект се очекува и од напредокот во евроатланските интеграции, што ќе придонесат за интензивирање на инвестициската активност и раст на економијата.
Министерот за финансии вели дека Владата и понатаму ќе продолжи со мерките и политиките што се во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Тој додаде дека од една страна се активните мерки за вработување за кои секоја година оваа Влада обезбедува повеќе средства, што треба да обезбедат поголема адекватност на пазарот на труд. Од друга страна е поддршка на бизнисот, домашните и странски инвестиции, во насока на креирање повеќе и подоброплатени работни места.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2018 година, во однос на декември 2017 година, изнесува 8,1 отсто.