Во Буџетот за 2019 година има 10,2 милијарди денари повеќе средства за здравство, образование и социјална заштита, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.
– И годинава во Буџетот за овие намени има алоцирано повеќе средства во однос на минатата година. Тоа значи дека во континуитет се работи на зајакнување на овие сектори, а со тоа се вложува во човечкиот потенцијал и во зголемување на продуктивноста, рече Тевдовски на денешната презентација на „Систематската дијагностика за земјата“, изработена од Светска банка.
Според него, клучен фактор за економски развој и борба против сиромаштијата е човечкиот капитал.
– Со вложување во луѓето, се зголемува продуктивноста, што ќе го поттикне економскиот раст и ќе креира подобро платени работни места, смета Тевдовски.
Министерот за финансии истакна дека Владата има направено сеопфатна реформа на системот за социјална помош и детска заштита и дека со реформата Македонија е прва во регионот што воведува гарантиран минимален приход, а ќе се зголеми и опфатот на детскиот и образовен додаток.
Во однос на образованието, министерот рече дека се работи на зголемување на опфатот на децата во претшколско образование. Целта е опфатот да се зголеми од 30 отсто на 50 отсто.
Се работи и на подобрување на инфраструктурата, како и на квалитетот на програмите, како во образованието, така и во здравството.
Тевдовски рече дека подобро платените вработени се попродуктивни. Затоа Владата и оваа и следната година ги зголемува платите на вработените во клучните сектори, како здравството, образованието и детската грижа.
-Имаме реален проблем во здравството со одлив на кадри. За таа цел и годинава и следната година предвидовме зголемување на платите на здравствените работници, со дополнително зголемување од 10 отсто за специјалистите. Кога вработените се подобро платени, тие се попродуктивни. За таа цел, ги зголемуваме платите и во образованието и детската грижа. Покрај јавниот сектор, со воведување на повисоко ниво на минимална плата, како и владините мерки за поддршка на раст на платите, се придвижи спиралата на плати и во приватниот сектор, рече Тевдовски.
Тој додаде дека Владата работи и на отворање нови работни места. И следната година во Буџетот се предвидува највисоко ниво на средства за активните мерки за вработување. Се предвидуваат и мерките за поддршка на фирмите, кои треба да ја поттикнат иновативноста, извозот, инвестициите и отворање на нови работни места.