Еден од приоритетите на хрватското претседавање со Европската Унија ќе биде проширувањето, а особено отворањето преговори со Македонија, вели во интервјуто за МИА амбасадорката на Хрватска во земјава, Нивес Тигањ.

– Со оптимизам гледаме на напредок во претстојниот период и на позитивен исход. Наша намера е да го премостиме и да го деблокираме она што за жал не беше направено во октомври минатата година на Советот на ЕУ и да пронајдеме решение со кое ќе се деблокира одлуката за пристапни преговори меѓу Европската Унија и С. Македонија, вели Тигањ.

Нејзината земја од 1 јануари го презеде шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ.

– Хрватска ќе стреми да се заземе и засилено ќе се ангажира за да ги увери државите за продолжување на пристапниот процес и да се изнајде начин и модел С. Македонија да отвори преговори, вели амбасадорката Тигањ.

Амбасадорката посочи дека Хрватска веќе презема активности во овој кус период на своето шестмесечно претседавање, на чело со премиерот Андреј Пленковиќ, во кои покажува дека дава приоритет на проширувњето, а отворањето на пристапни преговори со Македонија ги става високо на скалата на хрватските приоритети во рамки на претседавањето со ЕУ.

Амбасадорке Тигањ, Вие сте од неодамна во нашата земја и морам да ве прашам какви се вашите први впечатоци?

– Дојдов пред околу месец и половина и такви ми се темпото и динамиката со оглед на хрватското претседавање со Советот на Европската Унија, на вашиот изборен процес, сето тоа налагаше еден многу динамичен период, така што лично морам да кажам дека се уште не сум прошетала сама низ градот за да стекнам впечаток за македонскиот живот и за се што ми зборуваа за тука додека бев во Хрватска, земја каде што вечно Сонцето сјае и каде што добро се јаде. Но верувам дека ќе има можност и за тоа. Многу убаво сум примена, имав импозантен број средби со претставници на сите структури, и тоа ми испрати порака колку двете земји се пријателски и партнерски, а и колкаво очекување имаат тука од хрватското претседавање.

Хрватското претседавање со ЕУ доаѓа во момент кога Западен Балкан е актуелен, откако по ветото на Франција не се одобри почеток на преговори за С. Македонија и Албанија. Проширувањето на ЕУ е еден од вашите приоритети. Што можеме ние да очекуваме од претседавањето на Хрватска со ЕУ?

– Хрватска го презеде претседавањето на 1 јануари по првпат по шест и пол години членство во Европската Унија. Слоганот на хрватското претседавање е „Силна Европа во свет на предизвици“. Слоганот навистина говори дека Хрватска го презеде претседавањето во време на големи предизвици и промени како на европски, така и на светски план. Имаме нов состав на европските институции, излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, а и на глобален светски план се соочуваме со бројни предизвици кои бараат одговор од денешниот свет. Затоа, повторувам, слоганот е „Силна Европа во свет на предизвици“.

Хрватското претседавање ќе го одбележат четири клучни подрачја. Тоа се Европа која се развива, Европа која поврзува, Европа која штити и Европа која е влијателна. Секако, еден од приоритетите на хрватското претседавање, ова што го споменавте, а тоа е проширувањето на Европската Унија кон земјите од Југоисточна Европа. Хрватска, во рамки на своето шестмесечно претседавање, на 7 мај во Загреб ќе организира средба на врвот меѓу државите членки на Европската Унија и земјите од Југоистокот на Европа. Наша намера е пред тој состанок, во консултација со Комисијата и државите членки  да постигнеме повторно единство на Унијата околу проширувањето. Наша намера е да го премостиме и да го деблокираме она што за жал не беше направено во октомври минатата година на Советот на ЕУ и да пронајдеме решение со кое ќе се деблокира одлуката за пристапни преговори меѓу Европската Унија и Македонија.

Хрватска сака да ја искористи оваа можност за време на шестмесечното претседавање, сметаме дека имаме повеќе знаења за своето соседство и каков е овој дел на Европа, за разлика од останатите држави, и токму тој факт говори за тоа дека можеме да бидеме влијателни, да им објасниме на нашите соговорници и да влијаеме сите држави членки, а посебно оние кои имаа резерви на Советот на ЕУ минатата година, да го променат својот став и да се согласат на продолжување на пристапниот процес.

Дали очекувате дека С. Македонија ќе добие датум за почеток на преговори на самитот во Загреб во мај?

– Многу е неблагодарно да се даваат проценки за исходот, а посебно да се прецизира датумот за одлука. Вие знаете дека одлуката се носи со консензус на сите држави членки, но како што веќе кажав, Хрватска ќе стреми да се заземе и засилено ќе се ангажира за да ги увери државите членки за продолжување на пристапниот процес и да се изнајде начин и модел Северна Македонија да отвори преговори. Токму поради тоа вчера во Загреб и официјално е одбележан почетокот на хрватското претседавање, дојде Европската комисија, а пред тоа претседателот на Владата на Република Хрватска, Пленковиќ, беше во Париз, се сретна со претседателот Макрон со кого разговараше на таа иста тема. Денеска во Загреб разговара со претседателот на Европската Комисија, а следната недела ќе разговара со претседателот на Европскиот Парламент, а исто така и со германската канцеларка Ангела Меркел.

Значи, сите тие активности на Република Хрватска во рамки на нејзиното шестмесечно претседавање, а кои се забележани на самиот почеток на нашето преземање на претседателството, говорат за тоа колкав е интересот на Хрватска проширувањето на Европската Унија кон земјите од Југоистокот да продолжи, посебно кога станува збор за отворање на преговори со Македонија.

Самитот во Загреб ќе се одржи по изборите во земјава закажани за 12 април. Сегашната власт направи големи отстапки, а не доби датум. И вашиот премиер Андреј Пленковиќ вчера рече дека С. Македонија направи големи жртви за својата европска иднина. Постои ли можност за датум пред изборите?

– Морам повторно да го повторам она што го кажав, дека е многу неблагодарно да се каже. Ние со оптимизам гледаме на напредок на претстојниот период и со самото тоа што сме многу активни во контактите, во консултациите со нашите соговорници, со нашите партнери во Комисијата, со државите членки, со самото тоа веруваме, затоа и ги преземаме тие активности бидејќи веруваме во позитивен исход, но многу тешко е и неблагодарно да се зборува во име на други држави членки. Она што јасно и прецизно можам да го кажам е тоа што ќе работи Република Хрватска, односно што веќе работи Република Хрватска во текот на своето претседавање, на чело со нашиот претседател на Владата, Пленковиќ, кој веќе во овој кус период во почетокот на хрватското претседавање покажа исклучителна активност и приоритет на проширувањето, а отворањето на пристапни преговори со С. Македонија го стави високо на скалата на хрватските приоритети, кога станува збор за хрватското претседавање.

По француското „не“ беа споменати алтернативи за полноправно членство. Дали сметате дека тоа е добро за земјите кандидати како и за самата Унија?

– Европската перспектива за земјите од Југоисточна Европа нема алтернатива. Едноставно, пристапниот процес бара многу напори и е долготраен, бидејќи ги менува и државите и општеството. Го подигнува нивото на култура на живеење на едно повисоко ниво и отвора можност за трансформација и на државите и на општеството за спроведување реформи, структурни реформи, реформи во економијата, социјални реформи, јакнење на правниот систем, и она што е најважно е дека со тоа придонесува кон стабилноста не само на таа земја, туку и на нејзиното соседство.

Така што сметам, како што Загрепскиот самит пред 20 години ја отвори перспективата на мојата држава за полноправно членство и за продолжување на пристапниот процес со земјите од Југоистокот на Европа, сметам дека членството во Европската Унија и тој пат, едноставно нема алтернатива.

Преговорите за влез во ЕУ траат долго, тоа е долготраен процес. Кои поглавја во преговорите беа најтешки за Хрватска?

– Хрватска преговараше речиси шест години. Тешко е да се издвои кое беше најтешко од 35. преговарачки поглавја. Секое поглавје налага голем труд, бидејќи ангжаманот на администрацијата и институциите зависно од националните интереси, во секој случај тоа беа поглавјата 23, 24, поглавјата за пазарот на труд, но тешко е да се издвои бидејќи секое поглавје налага одреден ангажман и на администрацијата и на институциите, при што навистина е тешко да се издвои.

Кои се придобивките од вашето членство во Европската Унија?

– Придобивките се огромни. Иако сме членка шест и пол години, тие вредности, бенефити од членството во Унијата се гледаат секојдневно, во обичниот, секојдневниот живот, граѓаните ги препознаваат предностите на членството во Европската Унија. Прво тоа се структурните реформи, константна е апсорпцијата на средства од фондовите на Европската Унија, се вложува во инфраструктурни проекти, во патишта, железници, мостови, терминали, тоа се посебни предности на хрватското членство. И Хрватска со членството во Европската Унија го зајакна својот углед, влијание, видливост. Хрватска стана светски препознатлива туристичка дестинација. Навистина имаме завиден број туристи во текот на целата година. Ќе го споменам градот Риека, доби титула на Европска престолнина на културата во 2020 година, тоа се се предности. Членството во Европската Унија бара константен ангажман за развој и напредок на државите и општествата во сите подрачја на делување.

Какви се билатералните односи меѓу С. Македонија и Хрватска и економската соработка?

– Односите меѓу С. Македонија и Хрватска се одлични. Тоа се пријателски и партнерски односи. Навистина имаме одлична соработка во бројни подрачја на образование, култура, полиција, одбрана… Што се однесува како две партнерски и пријателски земји секако постои потреба и за унапредување на таа соработка и ние ќе работиме со цел таа соработка да може да се подигне на едно повисоко ниво, посебно кога станува збор за економската соработка. Наша намера е токму таа економска соработка треба да биде еквивалент на добри партнерски и пријателски односи, какви што имаат двете земји.

И секако уште би споменала дека Хрватска активно учествува во преносот на знаења и искуства во својот пристапен процес, многу сме активни во проектите што ги финансираме, што ги промовираме и каде испраќаме наши експерти од државните институции во поддршка за Македонија во јакнење на нејзините државни и јавни институции.

МИА