Тараната и корите, традиционалните тестенини карактеристични за овие простори, се повкусни, кога во нивната изработка помагаат и мажите. Вака деновиве со насмевка рекоа за МИА тиквешки домаќинки, кои, бели од брашно, работеа во своите дворови.
-И мажи знаат да месат тесто за кори и тарана, или пак ги простираат веќе готовите кори. Оваа работа одамна не е веќе само женска. Помина времето кога работите се делеа на машки и женски, сега сите заеднички сложно работиме, исто како што сите заеднички седнуваме на маса за да јадеме, коментираа, додека марифетно работеа со многу посветеност, љубов и внимание.
Забележав дека пеколните горештини изминативе неколку дена тиквешани не ги искористија само за работа во морето од лозја, туку и за приготвување на омилените тестенини. За нив, тие се повкусни дури и од италијанските. Затоа што се направени од јајца, брашно, зејтин од домашно македонско потекло, печени од силното тиквешко сонце и што е најважно, по рецептот на нивните баби и прабаби. Новина се само машинките кои понекогаш го заменуваат рачното сукање со сукало и поминувањето на кори низ дрмон за тарана и им ја олеснуваат и забрзуваат работата.
Кога се изработуваат кори и тарана, вообичаено се собираат домаќините, но и поблиски роднини, соседи или пријатели, за побрзо да се заврши работата, со смеа и шега на туѓа, но и на своја сметка. А на крај често се наздравува за успешната мисија со чашка студена домашна тиквешка ж’та.
Овие фотографии се од дворот на неготинецот Митко Василев. Во семејната изработка на годинешниве тестенини, покрај него, учествуваа и неговата понежна половина и синот, мајка му и сопругата на неговиот брат. Три генерации на едно место.
-Откако сум оженет, еве веќе 35 години, постојано помагам кога се изработуваат корите и тараната, ајварот. Имаме два сина и така ги учам и нив, дека треба да помагаат секогаш кога можат. Дека нема машки и женски работи, туку има само добри и лоши работи, а тие да се трудат да прават само добри дела. Полека, полека се менува свеста дури и во најмалите места, каде што порано, поради малограѓанштина, се случуваше некој да биде неправедно исмеван ако и помага на сопругата, со образложение ете дека се мешал во женски работи. Ништо веќе не е како порано и мило ми е што се става крај на таквите предрасуди од едно минато време, дециден беше Василев.
Тиквешијата има и вешти мажи кои го имаат испечено и занаетот за сукање кори со сукало. Љубица Минова, претседателка на вештите жени од Кавадарци, коментираше, ,,блазе си им на тие мажи што знаат се да работат и на тие жени што имаат такви мажи”.
-Младите учат од постарите, занаетот се пренесува од генерација на генерација. Оние кои не знаат сами да изработат кори или тарана, или немаат време за тоа, можат и да си купат. Но нема ништо поубаво од тоа да си јадеш од храната што самиот си ја изработил и си вложил дел од себе во неа, додаде Минова.
Светлана Дарудова за МИА