Осумнаесет денари за „вранец” и еден денар помалку за „смедеревка”, бара новото регионално здружение „Тиквеш, лозаро-овоштари”, формирано во Кавадарци неколку дена пред гроздоберот.

Како што појасни денеска претседателот на „Тиквеш, лозаро-овоштари”, Златан Стојчев, кој стопанисува со триесет хектари земја, новото здружение го поддржуваат земјоделци од пет општини од регионот. Тој рече дека одделни винарии најавувале цени од 12 и 10 денари, што е помалку од лани.

– Се здруживме за заеднички да се залагаме за правата на земјоделците, без разлика дали се тие лозари, овоштари или градинари. Проблемите да ги решаваме заеднички. Еве во моментов имаме проблеми со наводнувањето и се обидуваме да го надминеме тоа, рече овој регистриран земјоделец, нагласувајќи дека ќе побараат помош од сите политички партии, а ако е потребно, ќе направат и блокади со цел да ги остварат своите права.

Здружението ќе бара средба со градоначалниците од регионот, да се избере тело кое понатаму ќе разговара со откупувачите и со надлежните државни органи во врска со прашања од земјоделството.

Според Стојчев, можно е годинава да има вишок од околу 30 милиони килограми грозје во државата.

Но, тука е Црна Гора, Албанија, тие доста се заинтересирани за нашето грозје. Мислам дека количините нема да бидат проблем, целата битка е сега околу висината на цената за килограм грозје што треба да ја добиеме од винариите, нагласи Стојчев.