Од почетокот на 2021 до крајот на ноември компаниите активни во Технолошко индустриските развојни зони достигнале извоз од 2 милијарди и 734 милиони евра што, како што информираат од ТИРЗ е највисоко досега споредено со истиот период во изминативе четири години.

Според анализата, вкупниот извоз во првите единаесет месеци е за 17,5 отсто повисок споредено со истиот период лани, односно 7,5 проценти повисок споредено со периодот јануари-ноември од 2019 година и за речиси 23 отсто повисок во однос на 2018 година. Само во ноември компаниите активни во зоните оствариле извоз од 251 милиони евра, што е на исто ниво со ноември 2020 година, а за 2 проценти повеќе од истиот месец во 2019, односно 13 отсто повеќе споредено со ноември 2018.

Регистриран е и раст на увозот во анализираниот период споредено со истиот период во последните четири години. Увозот од јануари до ноември е 2 милијарди и 653 милиони евра што е за 37 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година, додека споредено со 2019 растот е 13 проценти, односно 39 отсто раст има во однос на 2018 година. Увозот само за месец ноември е 211 милиони евра. Споредено само со месец ноември 2020 и 2019 година има пад од 5 проценти, а во однос на ноември 2018 година падот е 13 отсто.  

Во ноември е регистрирано и највисоко ниво на нето извозот од почетокот на годинава – над 19 проценти, што, според ТИРЗ, е показател на опоравување на компаниите и враќање на нивото пред пандемијата. Бројот на вработени е стабилен и останува во рамки на годишниот просек.

Од ТИРЗ наведуваат дека се очекува ваквиот тренд да продолжи и во последниот месец од годинава со што би се достигнала границата од 3 милијарди евра извоз, што ќе се смета за рекордно ниво досега.