Дирекцијата за ТИРЗ остро реагира на наводите за злоупотреба на јавни средства за проектот е.Го. Ниту 1 денар јавни пари не се исплатени кон оваа компанија. Покажавме дека имаме јасни процедури и капацитет да го заштитиме јавниот интерес и средства.

Политичката партија ВМРО ДПМНЕ денес фрли јавен сомнеж врз процедурите и капацитетите за реализација на државната помош, кои засегаат не само еден туку над 40 договори што ги спроведува Дирекцијата за ТИРЗ. Со ова, се прави непосреден удар не само врз угледот на компаниите корисници на ТИРЗ, туку и врз животниот стандард на близу 20.000 наши сограѓани кои се директно ангажирани во овие компании.

Во интерес веднаш да се расчисти со овие сомнежи и обвинувања и намалување на штетата врз луѓето и овие компании, јавно ја покануваме политичката партија ВМРО ДПМНЕ веднаш и без одлагање да дојде и да направи увид во целокупната документација на проектот и да најде макар 1 денар јавни пари исплатени на компанијата.

Доколку се утврди дека вакви средства не се исплатени, очекуваме политичката партија да упати јавно извинување за нарушен углед до сите компании што користат поддршка од државата, а вработуваат близу 20.000 наши сограѓани и кои, само во 2023 година, уплатиле најмалку 75 милиони евра обврски кон Буџетот на државата.

Дирекцијата за ТИРЗ во целиот изминат период навремено и транспарентно ја информира јавноста за сите прашања поврзани со проектот за електрични возила е.Го во Тетово.

Конкретно, при самото потпишување на договорот презентирани се сите детали за поддршката од државата, а целосен увид во договорот е даден на сите заинтересирани медиуми кои се обратија до Дирекцијата. Во ниту еден момент од наша страна не е одбиен или пренасочен кон друга институција одговор на прашања поврзани со проектот. Ова, иако Дирекцијата за ТИРЗ е еден дел од повеќе останати институции, кои истотака имаат свое место и улога во реализација на проектот.

Имајќи го предвид предходното, ставовите изнесени во соопштението на политичката партија ВМРО ДПМНЕ за некакво криење на договорот и нетранспаретност ги сметаме за остаток на матрица на однесување на институциите од едно минато време.

Дирекција за ТИРЗ

фото: МИА архива