Зошто некои луѓе уште го сакаат Тито? Зошто за него зборуваат во сегашно време? Можеби затоа што велат дека ако масата прифати некого за свој водач, тогаш тој со неа може да прави што сака. А Тито правел што сака.
Според спомените на Гавро Дотлиќ, кој повеќе од 25 години бил во непосредна близина на водачот, Тито живеел како крал иако во јавноста се градела слика дека е скромен партизански командант што ја дели судбината на својот народ. Бившиот кралски џандар Дотлиќ со Тито се сретнал во 1941 година а потоа до крајот на Втората светска војна бил во баталјонот за обезбедување на Врховниот штаб. Веднаш по завршувањето на војната продолжил да работи во близина на Тито. Ова се неговите сеќавања:
Според Дотлиќ, веднаш по војната, кога Тито доаѓа во Белград, по мала обиколка на градот, ја своја резидинција ја избира најубавата вила на Дедиње, вилата во Руминска 15, подоцна прекрстена во Ужичка 15, сопственост на инжинерот Александар Ацовиќ. Меѓутоа набрзо тоа му се гледа малку, па ги припојува имотите и резиденциите на предвоените капиталисти од бројот 11 до бројот 19 во истата улица, правејќи огромен имот, кој, за жал, се уште му се чини мал па решил да припои и голем дел од градскиот парк, формирајќи огромен комплекс каков што дотогаш немал ниту еден крал на Балканот. Веднаш потоа, додека народот гладува, додека многумина завршуваат и на Голи оток, затоа што не даваат да им се одземе нива, крава или жито, со кои одвај ги прехрануваат семејството, Тито одлучува да го загради својот имот со огромен ѕид за кој, според Дотлиќ, биле потрошени огромни материјални и финансиски средства, илјадници кубици камен, песок, цемент и друго. Се разбира, Тито воопшто не се разбирал во градежништво а уште помалку во архитектура, но излегувал во кругот на резиденцијата, се шетал по паркот и кажувал кој објект каде да се изгради, каде и со што да се пошуми просторот или какво цвеќе да се засади. Кога некои стручњаци сепак ќе се охрабреле да кажат дека некое од решенијата што го предлага маршалот не се добри, тој само ќе одмавнел со раката велејќи „вие само работете како што реков“. За жал, многу брзо потоа некои објекти морале да се уриваат затоа што Тито сфатил дека „го расипуваат изгледот на целината“! Следејќи ги неговите инструкции, запишал Дотлиќ, продолжи да се гради и урива до крајот на неговиот живот, особено кога Јованка ги презеде конците во свои раце: „Во тоа време, по војната, цементот вредеше како злато. Стоеја урнати многу мостови, училишта, болници, но цемент за Тито мораше да се најде. Страшно расипништво беше тоа што некои објекти се градеа со огромен труд а само една или две години подоцна мораа да се уриваат затоа што сега веќе не и се допаѓаа на Јованака“. Притоа можеби најбизарно расфрлање на народните пари било тоа што, и во таква сиромаштија, во еден дел од огромниот имот морала да се гради и цела зоолошка градина со кафези за мечки, рисови, мајмуни, нерцови и разни егзотични птици, а особено затоа што веќе постоела голема Титова зоолошка градина на Бриони, која по разновидноста на животните и птиците била многу побогата од зооолошката градина на Калемегдан во Белград. И не било скапо само градењето туку и исхраната на животните за која се одливале огромни средства. А храната се требувала од специјалниот магацин, до кој немал пристап никој освен луѓето што биле задолжени за храната на маршалот и неговата сопруга. Мечките јаделе најквалитетно месо, а птиците најквалитетно жито до кое немал пристап обичниот, простосмртен пролетер. Храна за животните на Тито имало во изобилство, а зоолошката градина постојано се збогатувала со нови членови. Впрочем, како да се оправда набавката на 45 нерцеви по наредба и барање на Јованка, се разбира за бунди, и тоа тогаш кога таа имала толку многу најскапоцени бунди и крзна па не знаела што да прави со нив!
„Освен дворецот на Дедиње, Тито имаше на располагање уште многу вили и подвижно богатство насекаде во Југославија за кои се трошеа огромни средства. Списокот е многу долг а од средства што се трошени месечно за нивно одржување и опслужување се врти во главата. Колку само чинеше одржувањето на таканаречениот „Син воз“, бродовите „Галеб“, „Краина“, „Шумадинка“ и „Козара“ или авионите со специјалната посада. „Синиот воз“, на пример, имаше три дизел локомотиви и голем број најлуксузно опремени вагони за кои се грижеа десетици вработени кои секојдневно доаѓаа на работа и секогаш беа во приправност. Речните бродови со години не се користеа но мораа да се одржуваат. Авионите Тито ги користеше само понекогаш кога одеше во странство а притоа не го користеше бродот „Галеб“. Брачниот пар Броз ширум Југосла.вија имаше на располагање во секој момент огромен број куќи, вили, дворци и резиденции. Две резиденции во Белград, две вили во Добановци и Караѓорѓево, една вила во Смедерево, една резиденција во Загреб, еден дворец во Блед, една вила во Крањ, една резиденција на Бриони, една вила на Ванга, една вила во Охрид, еден дворец во Игало, еден во Бугојно, една вила во Сплит, вила во Срем, односно Чортановци, вила во Опатија и уште многу други. Вилата во Охрид, на пример, Тито и Јованка ја посетија само еднаш, а колку чинеше годишно нејзиното одржување, заедно со персоналот што беше ангажиран за одржување небаре Тито утре да даоѓа во Охрид, никој не знаеше“, запишал во своите спомени Гавро Дотлиќ, одговорен за целокупниот претседателски имот и домаќин на резиденцијата на Тито на Дедиње.
Фризерката на Јованка само за едно патување во странство наплатувала 900.528 динари и 506 долари!
Кога Тито одел во посета со брод во конвојот имало четири бродови. Покрај трите разарачи кои го следеле „Галеб“ во конвојот секогаш одел и трговскиот брод „Ловчен“ кој ги носел подароците.
„Бродот секогаш беше преполн со подароци чија вредност никогаш и никој не ја проценил, а на „Галеб“ имаше и специјална екипа од неколку луѓе кои беа задолжени само за подароците. А според логиката на Јованка – колку поскап подарок биде даден толку поголем подарок може да се очекува. Всушност многу поголем затоа што домаќинот секогапш дава повеќе. Само од патот по афричките земји во 1961 година беше донесена огромна количина подароци од која јас имав можност да видам само дел. Скапоцените предмети што Јованка велеше дека ги добила лично, освен неа ги виде само Тито, а одделни дури ни тој. Што се однесува до Јованка, тоа, за време на патувањата, освен редовната послуга составена од лична собарка, кројач, кувар, келнер, ордонанс, задолжително, па макар да се во прашања и најкратки патувања, носеше и фризерка. Бидејќи, според неа, белградските фризери не ги следеа фризерските трендови во светот, особено околу пунџите, Јованка редовно ја ангажираше Марта Пирнат од Љубљана која доаѓаше во Белград обично со авион а кога Брозови престојуваа на Бриони тогаш по Марта беше праќан автомобил со кој ја носеа на Бриони и ја враќаа назад во Љубљана. Фризерката Марта Пирнат стана редовен патник на патувањата во странство па и нејзе,како и на останатите патници, дневниците и се исплаќаа во долари. Освен тоа, нејзиниот фризерски салон во Љубљана за време на нејзиното отсуство земаше замена, а сметките за тие додатни трошоци ни ги праќаше нас така што истовремено плаќавме две фризерки! Кога ја предупредив Јованка за тоа, таа навредена остро му одговори: „Мене не ме интересираат никаква сметки, тоа е твоја работа!“ Сакајќи да објаснам за какви средства се работи, покажав еден извод од сметка за износот што и го имавме дадено на фризерката само за дневници, но Јованка не сакаше ни да го погледне. Само за патувањата во неколку земји во 1965 и 1966 година на фризерката Марта Пирнат на име на дневници и беше исплатена сума од 506 долари и 900.528 динари, или само во динари таа имаше добиено речиси тригодишна моја плата!“
Малверзации со автомобилите
Според Гавро Дотлиќ во шеесеттите години некој донел одлука на сите високи раководители и функционери да им се обезбеди купување на автомобили за приватни потреби по симболични цени со уште посимболичен кредит, значи багатела, брука и срамота за чесен човек: „Кој ја плаќаше разликата во цената на автомобилите се знае, притоа рангот и функцијата играа голема улога. Колку повисока функција толку поголема и подобра марка на автомобил. Дури и од нашиот возен парк на овој начин отидоа неколку странски луксузни автомобили за кои претходно беа платени големи девизни средства. Само колку за илустрација – еден функционер, а не беше еден, по багателна цена доби сосема нов автомобил од нашиот возен парк, но веднаш потоа замина амбасадор, автомобилот го продаде за големи пари а парите ги стави во банка, да му се најде нешто во динари зашто по четири години кога ќе се врати ќе донесе само проклети, империјалистички девизи. Ваквата шпекулација со откуп на автомобили од државата за приватни цели, отплатени со багателен кредит, пред јавноста се правдаше со тоа дека ќе се постигне голема заштеда, бидејќи сите функционери сами ќе ги возат своите автомобили. Се разбира дека тоа беше обична лага. Сите функционери и натаму имаа на располагање службени автомобили со возач“.
(Продолжува)