Денес загубените апокрифни „Дела Павлови“, напишани веројатно околу 160 година и веројатно базирани на преданија на римските христијани, детално опишуваат што се случувало со Павле.
Нерон го осудил на смрт со отсекување на главата, најверојатно по големиот пожар што го зафатил Рим во 64 година, а пред 68 година која е последна година од владеењето на Нерон.
Преданието вели дека погубувањето на светецот се одиграло на Лаурентинскиот пат и дека по отсекувањето на неговата глава, таа три пати отскокнала и удрила на земја и секој пат кога ќе го допрела тлото, од него почнувала да извира вода. Така, на тоа место се создале три извора.
На тоа место денес се наоѓа црквата Свети Павле. Прв пат е подигната во петтиот век, а денешната во 1599 година по налог на кардиналот Петро Алдобрандин. Изворите, односно фонтаните во 20 век се запечатени поради загаденост на водата.
За еден столб од овој храм се верува дека е тој на кој Павле бил заврзан пред погубувањето, но тоа е веројатно само невистинита приказна која е создадена подоцна.
Според преданието, св. Паве е погребан три километри подалеку од местото на погубувањето, каде денес се наоѓа базилката Свети Павле, една од четирите папски базилики во Рим. Под нејзиниот олтар се наоѓа гробот на апостолот, во гробница која и припаѓала на христијанката по име Луцина.
На тоа место Константин Четврти ја подигнал базиликата, истовремено со базиликата на Ватиканското брдо кое се срамнето, над гробот на св. Петар. Кон крајот на истиот век, Теодисиј Велики ја проширил и таа станала позната како базилика на светиот Павле надвор од ѕидините.
Истовремено, моштите на апостолот се префрлени во саркофаг кој се наоѓал под олтарот на базиликата и во хаост во наредните векови било заборавено каде точно се наоѓа. Првиот знак дека повторно е откриен доаѓа во 19. век, а пред десетина години археолозите и другите научници потврдиле дека таму навистина, односно најверојатно, се наоѓаат остатоците од светецот.
Инаку од 27 книги во Новиот завет, 14 се напишани од св. Павле. Тој никогаш не го сретнал Исус. Неговото име било Савле и бил прогонител на христијаните, се додека на па пат меѓу Ерусалим и Дамаск, не му се јавил Исус и го прашал зашто го прогонува. Савле три дена ослепел, а потоа целиот свој живот како Павле го посветил на ширење на христијанството. Првата црква во Европа ја основал во Филипи близу Кавала, во домот на Лидија, откако во сон му се јавува Македонец и му вели да дојде во Македонија. Се смета дека е можно во сонот да му се јавил евангелистот Лука, кој по потекло е од Македонија.
Во продолжение прочитајте го првото искуство на Савле со Исус и неговот ослепување на патот од Ерусалим за Дамаск:
ДЕЛА НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ ОД СВЕТИОТ АПОСТОЛ ЛУКА
9. Савловото обраќање и првите искуства во Дамаск и Ерусалим. Петар го исцелува Енеј и ја воскреснува Тавита.
1. А Савле, дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа, дојде при
првосвештеникот,
2. и измоли од него писма за Дамаск до синагогите, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим.
3. Но, кога беше на пат и наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото,
4. и, откако падна на земја, чу глас што му зборуваше: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?”
5. А тој одговори: „Кој си Ти, Господине?” А Господ му рече: „Јас сум Исус, Кого Го гониш ти. Тешко е за тебе да се риташ против бодило.”
6. Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: „Господи, што сакаш да направам?” А Господ му рече: „Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!”
7. А луѓето, што одеа со него, стоеја зачудени, оти слушаа глас, а никого не гледаа.
8. Савле стана од земјата и, макар што му беа очите негови отворени, никого не гледаше: и водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск.
9. И беше три дена слеп, и не јаде, и не пи.
10. Во Дамаск, пак, имаше еден ученик по име Ананиј, кому во видение Господ му рече: „Ананиј!” А тој одговори: „Еве ме Господи!”
11. Тогаш Господ му рече: „Стани и оди во улицата, што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот тарсанин, по име Савле; ете, тој се моли.”
12. И во видение го виде човекот, по име Ананија, како влегол и положил раце над него, за да прогледа.
13. А Ананиј одговори: „Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на светиите твои во Ерусалим;
14. а тој и овде има власт од првосвештениците да ги врзува сите, што го призовуваат името Твое.”
15. Но Господ му рече: „Оди, оти тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви.
16. И Јас ќе му покажам, колку треба тој да пострада заради името Мое.”
17. И Ананиј отиде и влезе во куќата, и, откако ги положи рацете свои над него, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати, за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.”
18. И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и, кога стана, се покрсти.
19. А штом прими храна, Савле се поткрепи и неколку дена преседе со учениците што беа во
Дамаск;
20. и веднаш почна да проповеда во синагогите за Исуса, дека е Он Син Божји.
21. И сите, што го слушаа, се чудеа и зборуваа: „Не е ли овој, кој во Ерусалим ги гонеше оние што го спомнуваа ова име, та затоа и овде дошол за да ги заведе врзани при првосвештениците?”
22. А Савле се засилуваше сè повеќе и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос.
23. А откако минаа многу дни, Јудејците се договорија да го убијат.
24. Но Савле узна за тој заговор. Тие, пак, дење и ноќе го чекаа на портата, за да го убијат.
25. Но учениците го зедоа ноќе и в кошница го спуштија по ѕид.
26. А кога пристигнаа во Ерусалим, Савле се трудеше да се присоедини кон учениците; но сите се плашеа од него, бидејќи не веруваа оти е тој ученик.
27. Варнава, пак, откако го зеде, го одведе при апостолите и им прикажа како тој патем Го видел Господа, а дека Господ му зборувал, како и тоа оти во Дамаск отворено проповедал во името на Исуса.
28. И беше со нив, влегуваше и излегуваше во Ерусалим, и отворено проповедаше во името на Господа Исуса.
29. А зборуваше и се препираше исто така и со Елините; а и тие се обидуваа да го убијат.
30. Штом разбраа за тоа браќата, го одведоа во Ќесарија и го препратија во Тарс.
31. А црквите во цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир, напредуваа и одеа во страв Господов; и со утеха на Светиот Дух се умножуваа.
32. Посетувајќи ги сите, Петар слезе и при светиите што живееја во Лида.
33. Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој цели осум години лежел на постела, оти бил фатен.
34. И Петар му рече: „Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и собери си ја постелата своја!” И тој стана веднаш.
35. И го видоа сите што живееја во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа.
36. Во Јопија се наоѓаше една ученичка, по име Тавита, што значи срна; таа беше исполнета со милостина и добри дела, што ги правеше.
37. И се случи во тие дни да се разболи и да умре; тогаш ја измија и ја положија во горната одаја.
38. А бидејќи Лида беше близу до Јопија, учениците како чуја дека е Петар таму, испратија два човека при него, молејќи го да дојде до нив што побргу.
39. Петар се крена и отиде при нив, и, кога пристигна, го одведоа во горната одаја, и дојдоа кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките, што ги беше правела Срна, додека живееше со нив.
40. Петар, откако ги истера сите надвор, падна на колена, се помоли, па се обрна кон телото и рече: „Тавита, стани!” И таа ги отвори очите свои, па, како го виде Петра, седна.
41. А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна; и, штом ги повика светиите и вдовиците, им ја предаде жива.
42. И ова се разгласи по цела Јудеја, и мнозина поверуваа во Господа.
43. И реши тој да остане во Јопија многу денови при некој си Симон кожарот.