Бугарската авиокомпанија Гуливер прекинува да продава карти за летот од Софија до Скопје од 21 мај, објави порталот Екс ЈУ авијација.
Гуливер го одржуваше летот со турбопропелерски авион АТР 72-600, кој е со капацитет од 65 седишта, а летовите беа во понеделник и сабота, во 5 часот наутро.
Авиолинијата Софија – Скопје беше најавена со фанфари во Македонија, како „отстапка на бугарската страна“ и исклучително важен билатерален проект за поврзување на двете земји.
Големиот проект на тогаш новиот бугарски премиер Кирил Петков беше прва од мерките за градење доверба меѓу двете земји. Во најавата Петков рече дека авиолинијата ќе биде „компромис од бугарската страна во преговорите со Македонија“, бидејќи тие ќе ја финансираат.
Авиолинијата почна да функционира на 26 март откако ревијално во февруари летаа министрите за транспорт и врски на двете земји Благој Бочварски и Николај Сабев, како и министерот за локална самоуправа Горан Милевски со бугарски туроператори.
Ова е четврти обид да се воспостави редовна авиолинија меѓу главните градови на Македонија и Бугарија. Претходните три беа неуспешни поради нерентабилност на линијата. И сега експертската јавност се соменеваше во исплатливоста на оваа линија, со оглед што интересот е многу мал.
Османи: Прекинот на авиолинијата е најверојатно поради субвенционирање
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, коментирајќи ги информациите дека авиокомпанијата „Гуливер“ ја прекинува продажбата на билети за авиолинијата Софија-Скопје, рече дека според неговите информации, прекинот најверојатно е поради преговорите на компанијата со бугарската Влада околу субвенционирањето на оваа авиолинија.
– Кога го разгледувавме ова прашање, разговаравме две опции. Првата опција беше да биде целосно комерцијална, односно дали ќе има интерес од страна на патниците, а втората опција – да биде субвенционирана од страна на владите при што Република Бугарија ја презеде обврската за субвенционирање. Мислам дека првата фаза беше обид да се види комерцијалната рентабилност. Според моите информации, мислам дека ова запирање е процес на преговори меѓу компанијата и Владата дали ќе има поддршка или не, изјави Османи.
Според него, би било добро доколку продолжи функционирањето на оваа авиолинија.
Дел од медиумите, повикувајќи се на специјализираниот портал за авиони „Екс Ју авијација“ објавија дека од 21 мај прекинува продажбата на авиобилети за летот Софија-Скопје поради непрофитабилност.