Шест наставници во основното училиште „Лазо Трповски“ во скопски Карпош се позитивни на ковид-19 и не доаѓаат на своето работно место. Директорката на училиштето, Соња Јовановска, за ТВ24 вели дека денеска во училиштето бил извршен вонреден инспекциски надзор и е потврдено дека носители на вирусот во моментот се 6 наставници, но дека сите протоколи за заштита од ковид-19 се почитуваат.
Покрај овие шест наставници кои се позитивни на ковид-19, има и такви кои се на боледување од други причини и не доаѓаат на работа. Директорката вели дека има и осум ученици кои се позитивни на коронавирусот.
– Инспекторатот утврди дека сите протоколи се почитуваат максимално, сите правила за работа и условите на наставниците во училиштето се во согласност со протоколите, наставата се одвива непречено. Имаме доволен број на наставници, нема ковид кластер, оние кои се позитивни се заразиле приватно, не на работа. Наставниците сите состаноци ги држат онлајн, забрането им е секакво комуницирање. Секоја училница има излез за во дворот, наставата тече најнормално. – вели Соња Јовановска директорка на ОУ „Лазо Трповски“.