Обичаи и верувања
29 септември 2018
Верувања суеверија: толкување на соништа
Змија да голтниш на сон, ќе се јадосаш докрај
Во 1897 година месец августа, сонуа еден сон Тодор варџијата како да беше лежал на земи со зината уста и како да му влегла една змија в уста. Штом ја сетил оти му влегла в уста, рипнал во соно, како најаве санким да станал, та грабнал змијата со обете раце за полојна и со голема сила ватил да ја вади од уста; тој тргај надвор да ’а изваит, таа сосила влегуј му во срцето, тој тргај, таа влегуај, тој тргај, таа влегуај, асли-ќељам не могол да ’а изваи и му се начукала сета в срце.
„Леле, јас сиромав – си велел сам со себе – што праам сега со оваа ѓаолцка змија што ми влезе во срцето? Ќе ме јади проклетата, ќе ме јади, битти даваси“.
Така си велел сиромајио, и со голем страв се разбудил. Коа видел оти не било навистина, малце му дошла душа, арно ама остана во шубе, тики пак падна на мисла да мисли и да го толкуа соно на ошто ќе излези.
Толчи, толку, не можел да го дотолчи и:
– Ај на име Божје – си рекол – како сака нека биди, сол и вода нека се стори и друго ништо.
Си излегол чаршија на работа и му текнало квечерината да појди кај еден чоек да сврши една работа со една куќа, што бил на пазар со стопано од куќата, ја да му ја купи, ја да му ја земи со кирија. Голем мерак имал на таа куќа, чунки била многу згодна и близу до чаршијата и ујгун во сосаните. Многу време што оде при стопано на куќата и го к’нд’расуа и до тој ден беше го кандисал до полоина. Ами дури беше го кандисал до полоина, многу беше се јадосал, а пак откоа го виде соно со влегуањето на змијата во срцето, одејќи кај него да ’а сврши работата, ја така, ја така, и коа виде оти чоеко беше му се откажал совршено, ни за со кирија да му ја дава, ни да му ја продава, коа беше чул тој збор Тодор, е веќе за вистина тогај како да беше му влегла змија во срцето и како да беше го каснала.! Ах проклета змија – си рекол сам со себе – што ми влезе ноќеска во срцето, на ошто ми излезе: да ми се попишмани овој бестрамник.“
– Е, веруј Бога, чичко Марко – ми рече – коа појдов кај чоеко, си ја знаев свршена работата и соно ич на ум не го кладов, арно ама коа чув откажуањето на чоеко и дури со лутина ми откажа, на часо се сетив за соно, чунки голема мака ми падна на срце и си реков сам со себе: еве ’а клетата змија што ми влезе в срце на сон на ошто ми излезе. Е, веруј Бога, чичо Марко, илјада лева да загубив, немаше толку да се лутам и јадосуам, отколку што ми се попишмани чоекот со куќата. Да ела ти и не веруј сон коа вчера го видов и денеска ми се сврши. Да ете на ошто ми излезе змијата, чичо Марко, што ми остана в срце, демек јадо ми остана во срцето довека. Можи тебе да ти е лага, чичо Марко, ама мене ми е вистина, да сакај веруј, сакај не веруј.
Ето ти соно на Тодора на ошто му излезе што влезе змијата в срце и не излезе – да се јадоса едночудо и не само за еден ден ами до секоаш ќе биди лут на тој чоек што му се попишмани.
Да си го изедеш џигерот
Пред неколку години Цуцев беше ватил еден мос од правителството да го праи за не знам колку лева. Пред да започни да го работи, видел еден страшен сон како да бил обуен со едни скорни до колена, мошне убаи, и паднат во една река многу матна. Од кај што бил стреде реката, пливајќи, дошол близу до еднио брег од реката и се печалел да се качи на брего. Бре овде да се вати за некој корен од некоја трева, бре онде да се вати, баеги место беше препливал, дури беше се ватил за нешто за брего, и беше дал Госпо та беше испливал на брего и куртулисал да не се удаи. Откоа се нашол на суо, се благодарил на Бога оти куртулисал од таа матна вода и голема, та почнал да се треси и да се чисти од водата. Неисе, беше се очистил и уште скорните беше му останале навидени. Коа ’и погледал скорните, што да види? – Полни со кал и тиња беа биле. Коа виде таквие скорните, многу беше му се смачило и ’и собул та ’и очистил.
Коа се разбудил со тој сон, се туку го биела мислата оти не ќе му биди на аирлија, арно ама нема како да праи и што да напраи. По неколку дни сторил еден есап арен за мосто, што ќе го праеше, со некој што разбирал за таа работа поеќе од него и му излегол есапо да зијани голема сума.
– Леле јас сиромав – беше рекол – ќе се запустам со овој пусти мос!
Поминало уште некое време и се преесапило правителството за да го праит мосто од реката. Откоа се премести мосто на друго место да се праи,се расипала таа врзаница меѓу Цуцева и правителството и се откажал Цуцев од тоа нешто, та се куртулисал од тој голем зијан што имаше да чини та зијанил малце нешто.
Ако се пулиш од некое височко место, во некое удолно и да не можиш да се качиш пак тамо, ќе ти куца работата и ќе падниш во сиромаштија
Стоејќи Ангеле берберо на една висока планина, не знам како беше му се потслизнала ногата наудолу, и ѓоа да се закрепи со другата нога, и со неа се слизнал и туку се смолзнал наудолу, да беше си паднал во едно долиште, што за триста страјои! Застануајќи на нозе, беше се опулил наугоре, од тој што беше паднал. Коа си клал раката над очи и го поглеал местото, триста страјои беше му влегле во срцето од многуте вишина што било.
На тоа згора почнал да се јази наугоре за да си појди од кај што падна, арно ама земјата била роита, тики не можел да се качит при се што се чипчил со прстите од рацете и од нозете. Откоа виде оти не можи да се качи Ангеле, се опули назад да види некој пат, да да си излези барем од таа страна, арно ама, нито пат видел ни па местото го познал.
„Бре, анас’нм кај ќе бидам овде – си велел сам со себе – никако не ми текнуат“.
Во тоа време дури си мислел сам со себе така, мнозина луѓе дошле до него и го поглеале кој је, и откоа го погледуале, чунки не го познаале кој је, и Ангеле ’и погледуал и не ’и познаал кој се тие луѓе.
„Бре, анас’н, како не го видов еден мој пријател во олкуа луѓе што извидов во ова место“.
Откоа постоја баеги време тамо и откоа виде оти не може да се качи на првото место и да си дојди на синоро негов, многу жал беше му паднало жал, жал, жал, веќе до немајкаде! На жалта одозгора беше му дошла една друга мисла и се претворил, та си рекол сам со себе:
– Ех, толкуа било к’смет и овде ќе се живеи, како да је и овде ќе ватам некој пријател, при се што со никого не сум познат.
На таа голема жал беше се разбудил, со истата жал и се ватил за чело да го премисли соно што го виде и да го толкуа на ошто ќе му излези.
Откоа го видел тој сон Ангеле, од ден на ден ватила работата да му назадуа и до ден-денеска нема да му напредни.
Од записите на Марко Цепенков. (Подготви Марко Китевски)