Неделата по Велигден е наречена Томина недела, но и Нова недела, Антипасха. Нова недела се нарекува, затоа што почетокот на сите недели започнува од неа. Таа е прва недела по Пасха, и прв пат по Пасха се обновува празнувањето на светлото Христово Воскресение.
Апостолското правило гласи: „Осум дни по Велигден повторно нека ви биде чесен празник, во кој неверниот апостол Тома се увери во воскресението“.
Имено, по воскресението Христово, кога Христос им се јавил на апостолите да ги утеши и увери во Своето воскресение, светиот апостол Тома не бил присутен. Подоцна, тој посакал Христос да му се јави за и него, за да го увери во воскресението. Осум дни по Пасха, апостолот Тома (наречен и Близнак) своето неверие го заменил со вера, кога неговите сомнежи ги отклонил самиот Господ, Кој влегувајќи низ затворена врата во собата во која апостолите биле собрани на молитва, го повикал Тома да ги допре Неговите рани. После таа случка, апостолот извикал: „Господ мој и Бог мој!“.
Денот е наречен и Антипасха, но не со значење „ден на безбожниците“, односно антипасхалистите. Зборот „анти“ не значи само против, туку исто така и кон, наместо. На овој ден завршува осмодневното славење на Воскресението Христово. Многу свети отци, како св. Јован Златоуст и св. Августин Ипониски, како и шпанската монахиња Етерија која во 4 век престојувала во Ерусалим, го сведочеле ова празнување. Богослужебно, Томина недела е „мала Пасха“: се служи речиси истата Пасхална литургија. Покрај главната тема за исповедањето Томино („Господ мој и Бог мој!“), спомнуваме и за славното слегување на Исус Христос во адот, каде на умрените им ја објавува Својата победа над гревот и смртта, и Своето вечно прославување (1 Пт. 3,18-19).
Поредокот на службата за овој ден, е сличен и со поредокот на службите на Дванаесетте Господови празници, само без паримии, но со литија и стихири. Од овој ден повторно се совршуваат молитви за упокоените, по прекинот од Лазарева сабота (од овој период на условна забрана изземени се четириесетдневните парастоси).

Во понеделникот кој следи се служат парастоси на гробовите, преку кои живите членови на Црквата како да го празнуваат Воскресението заедно со нејзините упокоени членови. На парастосите и погребенијата сè до одданието на Велигден, наместо трисвето се пее пасхалниот тропар. Во Византија, од Пасха до Антипасха не се случувале коњски трки, ниту пак било кои други игри. Оние кои се крштевале на Велика Сабота се облекувале само во бела боја, по што од овој ден продолжувале да се облекуваат вообичаено (секојдневно).