Во денешната емисија „Тема на денот“ на Сител телевизија гостуваше Ивица Томовски, директор на СОЗР, каде остро реагираше за обвинувањата од страна на СДС за непотизам и коруптивни тендери.
Тој истакна дека ова не е прв пат да биде обвинуван за афери кои не држат вода, нагласувајќи дека веќе се преземени правни чекори.
„Не е ова прв пат да бидам обвинуван од СДС за разно разни афери коишто не држат вода и коишто се невистинити. За овој случај којшто деновиве е актуелен ветив дека ќе покренам тужба, уште во текот на утрешниот ден имам договорено состанок со адвокатите коишто ќе ги разгледаат сите можности, секој можен начин и секое можно дело да го отворат“, вели Томовски.
Томовски во врска со компанијата Сити Аутсорсинг, ги отфрли сите обвинувања како невистинити и тврди дека компанијата е продадена уште во 2022 година и дека ниту тој ниту негови блиски имаат било каква врска со неа.
„Апсолутна невистина, татко ми е сопственик на таа компанија на самиот почеток до 2022 кога ВМРО-ДПМНЕ и ние сме во апсолутна опозиција во тој момент, кога јас влегувам во круговите на повисоката политика, ја продаваме односно ја отуѓуваме компанијата, ја отуѓува татко ми не јас, од тој ден навака јас немам никаква сопственичка структура ниту мој близок има сопственичка структура во оваа компанија, ниту јас приходувам или имам некаков интерес од истата“, рече Томовски.
Томовски пак во однос на обвинувањата дека негов телефонски број се појавува како контакт во компанијата, објасни дека бројот не е сопственост на фирмата и дека лично го плаќа.
„2022 година излегуваме, телефонскиот број не е во сопственост на компанијата, јас го плаќам како име и презиме тоа е проверливо, може да се провери во Телеком, а исто така и компанијата го прочитав демантот којшто го имаше, каде што демантира дека телефонскиот број е во сопственост на таа компанија, ниту внук ми ниту татко ми се дел од таа компанија, може тоа исто да се провери“, рече Томовски.
Томовски порача дека е подготвен институциите целосно да го испитат случајот, потенцирајќи дека по завршувањето на постапката е убеден дека ќе се издаде документ кој според него ќе ја потврди неговата невиност за овој случај.
„Јас би ја повикал Државната комисија за спречување на корупција, обвинителство сите да покренат случај и би ги замолил доколку може тој случај брзо да го решат и само на тој начин можам да ја покажам, докажам мојата невиност. Они ме обвинуваат, расфрлаат со пердуви јас демантирам, но институциите треба да одлучат и да пресудат што е вистина, а што е лага. Јас ве уверувам дека ќе добиеме еден ист ваков документ, после кој тие ќе треба да се извинат, и без разлика дали ќе одлучат да се извинат или не, напоменав дека јас покренувам тужба“, истакна Томовски.




