Вечерва во Тема на ден на Сител телевизија гостуваше член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ и директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски кој дискутираше за помошта од страна на Владата кон настраданите од несреќата во Кочани.
Томовски истакна дека Владата пружила максимална поддршка на семејствата со што издвоила од буџетот на државата 30 милиони денари и потенцираше дека се додека трае процесот на закрепнување државата ќе прави и ќе даде се од себе за овие лица да продолжат нормално понатаму со својот живот.
„Поделени се на сите семејства по 150 илјади првично помош, после тоа имаше нови 150 илјади на одредени семејства и сега последната бранша на поделени пари беше од онаа анализа која што ја направија стручните лица, медицинските лица, на кој колку дополнително би му требале трошоци за долекување. Она што ние го одвоиме како средства директно од државата се почетни 30 милиони денари од резервите на буџетот на државата, кои што беа наменети за транспорт и сместување на лицата кои што се во поддршка на лицата кои се на лекување во странство. Исто така како држава овозможивме транспорт на истите лица од Македонија до дестинациите каде што беа, бесплатно здравство и ве убедувам дека се додека не заврши овој процес до крај, додека не ги излечиме и не ги ставиме во нормала на функционирање, овие лица ќе ги помага државата и ќе прави се од себе за да можат тие да продолжат понатаму со својот живот“, рече Томовски.
Томовски објасни дека одморалиштето Пониква е спремно и со сите соодветни услови.
„Еден таков пример е одморалиштето во Пониква каде што се обезбедени соодветни услови, а првата група ќе биде во понеделник и ќе брои околу 30 лица. Има различни барања, има чести јавувања, а тоа што го прави координативното тело на Владата е да ги примаат тие повици и често одржуваме состаноци, гледаме што е можно решливо во моментот, се пружа секоја можна помош која што може да се пружи. Кочани е во фокус на Владата од самиот почеток сега и ќе остане така“, рече Томовски.