Директорот на Службата за општи и заеднички рабoти Ивица Томовски денеска на брифинг со новинарите изјави дека откако ја презел институцијата отпочнале постапка за легализација на имотот кој е во сопственост на државата. Станува збор за претседателските и премиерските вили во Скопје и во Охрид – државни објекти што ги одржува СОЗР.

– Можам да кажам откако ние ја превземавме институцијата што сме направиле, тоа е отпочнување на постапка за легализација на оној имот што го имаме и кој е суштински имот и со којшто реално го гледаме и располагаме. Легализацијата за вилите Водно 1, 2 (претседателската и премиерската) веќе имаат имотен лист со трајно користење на Службата за општи и заеднички работи, додека на минатата седница на Влада помина и легализацијата на охридските вили, тоа се исто премиерска и претседателска и уште две вили кои што се во Свети Стефан, рече Томовски кој заедно со неговиот тим денеска имаше средба со новинарите во врска со последниот ревизорски извештај за работата на институцијата за 2024 година.

Зборувајќи за земјиштето во повеќе градови што се споменува во ревизорскиот извештај, а кое е на државата пред повеќе од 30 години и за кое нема податоци и информции дали и за што се користи, директорот на СОЗР рече дека е отпочната постапка и оти е формирана работна група која ќе работи на оваа проблематика.

– Се надевам дека за брзо време ќе го решиме и тој проблем. Она што реално го имаме да го имаме, она што го немаме барем да знаеме дека не е во наша сопственост, рече Томовски.

На брифинг со новинари беше објаснето дека станува збор за земјиште и објекти на повеќе локации кои се останати по заминувањето на ЈНА, како и дека неколку пати досега Службата се обраќала до Катастарот од каде се добивани информации дека немаат податоци за тие земјишта.

Директорот на Службата за општи и заеднички рабoти за наодите во ревизорскиот извештај за разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба за прехранбени производи во главниот магацин по пописот за 2024 година, рече дека  има некакви разлики, но оти не би сакал да навлегува во одговорот на ова прашање бидејќи има постапка што ја води Бирото за јавна безбедност при МВР.

– Да оставиме институциите да го решат овој случај па после тоа ќе дадеме можеби заедничка изјава, изјави Томовски.

Во ревизорскиот извештај за работата на СОЗР се наведува дека по пописот за 2024 година, е утврдена разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба за прехранбени производи во висина од 4 милиони 187 илјади денари без предложени мерки за решавање на состојбите.

Во делот забелешките дадени за низок износ на уплатата на дневниот пазар во објектите под СОЗР, Томовски кажа дека кога ја презел работата во Службата, затекнале работа без фискални каси и оти во рок од две недели е отстранет тој проблем.

– Денеска функционираме непречено. Имаме фискални каси и функционираме онака како што треба законски да се функционира. Промет се внесува на дневна основа. Може да се види зголемување на дневниот промет за 310 проценти, изјави Томовски.

Томовски меѓу другото на средбата со новинарите зборуваше и за службените возила, владиниот авион, за привремените вработувања и за друго.

(МИА)