Затекнавме имот којшто немаше никаков имотен лист, односно беше дивоградба. Успеавме да го легализираме имотот на државата. Вилите Водно 1, Водно 2, претседателската и премиерската вила, веќе имаат имотен лист, и се во сопственост на државата со трајно користење на СОЗР, за да можеме да ги сервисираме понатака, изјави вечерва Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Томовски во гостувањето во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, се осврна на работи со кои во моментов се занимава СОЗР, како реновирање на Клубот на пратеници, реновирање на вилите во сопственост на државата. Тој посочи дека е направена целосна реорганизација во институцијата, уште на самиот почеток, вработени се поголем број на луѓе, затоа што истата претходно работела под минимумот, и како што вели, вработените се задоволни.

Напомена дека следната недела на владина седница, е планирана и легализација на охридските вили кои исто така се дивоградба и се запоставени од таа причина.

-Нема никаква реконструкција, реновирање или суштинска измена на истите, односно се оставени на забот на времето. Со помош на овие внатрешни вработени кои што денеска се задоволни, и со наша иницијатива и напор правиме исчекор – посочи Томовски.

Томовски ја спомена владината програма 1А, и кажа дека вилата Свети Стефан е планирано да се реновира целосно.

-Во програмата 1А, која што е владина програма, имаме предвидено за една од тие вили кои што се наоѓаат во Свети Стефан да ја реновираме целосно, а после тоа ќе носиме одлуки дали ќе ја реиздадеме, дали ќе ја користиме како државна вила. Ќе заклучиме заедно што е поисплатливо за државата, потенцира Томовски.

Тој истакна дека реновиран е и Клубот на органи на државната управа, познат како Клуб на пратеници, при што нагласи дека истиот се почесто се користи, а средствата од институциите не се излеваат во сали и хотели, туку, како што вели, гравитираат во рамките на државата и е поекономично.

-Ние направивме едно реновирање на Клубот на пратеници, сериозно реновирање, бидејќи не беше реновиран подолг временски период. Во историја до сега, немало толку настани организирано и се почесто институциите го користат – рече Томовски.