Скопје утрово е најзагаден град во Европа, покажуваат податоците на специјализираната страница за мерење на квалитетот на воздухот „IQAir“. Индексот на загаденост во Скопје достигна 163, што е висока вредност.
Прв на листата на најзагадени градови во светот е Делхи во Индија, а по него се Лахор во Пакистан, Акра во Гана, Багдад во Ирак, Кабул во Авганистан, Дака во Бангладеш, Вухан и Ченгду во Кина, Ханој во Виетнам, а на десетто место е Скопје.
Според податоците на „IQAir“, Приштина е на 19-то место, Букурешт на 20-то, Белград на 25-то, Софија на 45-то и Атина на 63-то место.
Иницијативата „Зелен Хуман Град“ на протестниот марш против аерозагадувањето што се одржа на 10-ти овој месец во Скопје побара итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето.
Организаторите на маршот, соопштија дека протестот се организира бидејќи секоја година од 3.828 до 5.000 луѓе во државава ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички ПМ2.5. Ова претставува 17,7 отсто од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух, беше посочено на маршот.
Фото: МИА архива / принтскрин