Фудбалската топка со која аргентинската легенда Диего Армандо Марадона го постигна својот познат гол „Божјата рака“ на Светското првенство во 1986 година е продадена на аукција за 2,5 милиони фунти, јави денеска Би-Би-Си.

Во 51. минута од четвртфиналниот натпревар одигран на 22 јуни 1986 година во Мексико Сити, Марадона ѝ донесе водство на Аргентина, постигнувајќи гол со рака, а само четири минути подоцна ја удвои предноста со фантастичен слалом од средниот ред до противничкиот гол, поминувајќи четири противнички играчи и голманот.

Една недела подоцна, Аргентина го освои Светското првенство совладувајќи ја во финалето Западна Германија со 3-2.

Иако на саботната аукција во САД беше продадена за 2,5 милиони фунти (3,3 милиони долари), се очекуваше топката да достигне цена од близу 10 милиони долари.

Топката „Адидас Ацтека“ повеќе од три децении беше во сопственост на Тунижанецот Али Бин Насер, кој го судеше четвртфиналниот натпревар во 1986 година.

Фудбалскиот судија потпиша писмо во 2023 година со кое потврдува дека тоа е единствената топка што е користена за време на натпреварот, што беше потврдено со понатамошна независна верификација на нејзината автентичност.

Бин Насер ја продаде топката во 2022 година за 2,37 милиони долари. Новиот сопственик ја стави повторно на аукција во 2023 година, иако не беше продадена бидејќи понудите не ја исполнија минималната зададена вредност.

Дресот што го носеше Марадона за време на истиот натпревар беше продаден за 7,1 милиони фунти на аукција во 2022 година.