На денешното рочиште за случајот ,,Плацевите на Водно’’ одбраната на Јордан Камчев реагираше и се обрати до судијата кој е надлежен за случајот, информирајќи го и барајќи од него, како единствен орган кој моментално се грижи за основните слободи и права на Камчев, да преземе дејствие и да се вклучи во постапката за последното нарачано изживување врз Камчев кое од страна на овластените лица, се случило на 5 октомври 2021 година, при спровод на Камчев од затворот Шутка до Јавното Обвинителство за организиран криминал, пренесува Вечер.

Согласно наредбата дадена од Судот,  Камчев истиот ден бил спроведен до ЈО за организиран криминал , во врска со предмет кој е во истрага.

,,Во текот на спроводот спротивно на начинот и методологијата на спроведувањето на лица лишени од слобода на понижувачки и деградирачки начин г. Јордан Камчев е спроведен од затворот Шутка до просториите на Јавното Обвинителство за организиран криминал. Притоа, ваквото однесување на овластените лица кои постапувале по вашата наредба е надвор од Законот за полиција и не е во соодветност со правилникот за постапување на лица лишени од слобода. Должни сте да го испитате случајот, бидејќи Вие
сте во моментов единствениот орган кој се грижи за основните слободи и права на г. Камчев. Доколку сакате и доколку сметате, околу фактичкиот настан, да ви објаснам, дека г. Камчев бил легнат на земја, јавно претресуван. Лисиците – тоа го виде и обвинителката, му беа толку многу врзани на задниот дел на телото што немаше крв во рацете, спротивно на Правилникот за постапување на лица лишени од слобода. Барам од вас да преземете дејствие и да се вклучите во постапката‘’, побара во своето обраќање адвокатот Тони Менкиноски, кој е дел од одбраната на Камчев.

На ова се надоврза и Камчев кој додаде дека бил претресуван легнат на земја, во надворешниот дел на затворот.

,,Бев претресуван надвор од зградата, меѓу двете комбиња и се исмејуваа затвореници надвор, од прозорите, значи не во внатрешен дел, туку на трева. И прв пат  лисиците  ми беа врзани позади грб и стегнати и не можев да седам во комбето бидејќи клупата беше само 20-30 сантиметри и цело време се седеше на земја. Беше едноставно изживување. Толку сакам да кажам. Тоа се констатираше отпосле и со повредите на рацете и го пријавив настанот во Обвинителството‘’, рече Камчев.

Бидејќи изживувањето врз Јордан Камчев, како што велат од одбраната, континуирано продолжува, тие конкретно за овој случај ќе поднесат кривични пријави за овластените, одговорни лица кои го вршеле спроводот, ќе поднесат жалба до Народниот правобранител на РСМ и ќе ја дополнат апликацијата која е веќе испратена до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

– Тортурата и изживувањето кое се врши врз г. Камчев веќе станаа мета и на меѓународната јавност. За неговиот случај и третманот на кој е подложен г. Камчев овие седум месеци, декларирајќи го веќе како политички затвореник, пишуваа досега три меѓународни, реномирани медиуми ,,EU Reporter’’, ,,The European Post’’ и ,,The Times of Israel’’. Се чини, дека се погласните реакции на меѓународната јавност во кои отворено се зборува за случајот на Камчев и истиот се класифицира како изживување, некому не му се доволен сигнал дека на крајот ќе мора некој да одговара и да сноси сериозна одговорност за сиот незаконски третман, изживување и тортура, велат од одбраната на Камчев.

Инаку, седуммесечниот притвор судот го продолжи за уште 30 дена. Одлуката ја донел на 8 октомври, по барање на Обвинителството. Адвокатите на Камчев тврдат дека судот ги прекршува одредбите на Европскиот суд за човекови права, кои повеќе пати предупреди дека власта не дала конкретни причини за продолжување на притворот.