Активиравме авион којшто е на располагање на Агенцијата за цивилно воздухопловство да лета секој ден и да прави преглед на државата. Можел и до лани да лета, но почитуваната претседателка која што беше во претходниот состав претседателка на Управувачкиот комитет за кризен менаџмент, не ѝ текнало да го активира тоа авионче … Сега се прави преглед секое утро и добиваме информација каде има пожар на територија на Македонија и каде треба да одговориме соодветно, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на пратеничко прашање на пленарна седница во законодавниот дом.

Во одговор на прашање од страна на пратеничката од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, Сања Лукаревска, за тоа кој ќе понесе одговорност за, како што рече, катастрофалното справување со пожарите ширум земјава, Тошковски се осврна на состојбата во надлежните институции кои оваа Влада ги наследи и на сѐ она што нивните претходници не го направиле иако можеле или било законска обврска.

– Вработените во ЈП Национални шуми немаа плати и тоа неколку месеци немаа плати, е сега имаат редовно исплатена плата. Кога ја презедовме власта, ЈП Национални шуми беше без гориво, ги оставивте без гориво луѓето, додека очекувате да се борат против пожарите. Немаше сервисиран хеликоптер, а сега има два. Ќе ги сервисираме и оние кои што седум години со око не ги виделе оние кои што го водеа МВР, не ни им текнало дека треба да ги сервисираат. Е сега, хеликоптеров не е запрежно возило за да го ставиме во функција за два дена, треба и време и средства и стратегија, но сето тоа го имаме, истакна Тошковски.

Поанатаму тој наведе уште низа наследени недостатоци од претходната Влада, меѓу кои несервисирани авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, недостаток на пилоти во Дирекцијата, недостаток на шумски возила за гасење на пожари, несервисирани хеликоптери во МВР… и нагласи дека овој состав на Владата ставил во функција возила кои што биле фрлени на буниште и не биле запалени 12 години.

– Успеавме возила кои што 12 години не биле запалени да ги ставиме во функција во борбата против пожарите. Едно возило чини илјадници евра, но ние со помош на Факултетот и експерти од областа тие возила ги пренаменивме од борбени во возила кои се ќе борат против пожарите, рече Тошковски.
МИА