Кадрите во МВР се професионалци и во ниту еден случај не се бираат по етничка припадност, туку според нивната професионалност, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на прашања од пратеничката на ДУИ Арбана Пашоли за застапеноста на раководните кадри за западна Македонија. Пашоли кажа дека граѓаните се загрижени што на раководни места нема Албанци, посочувајќи дека во минатото секогаш имало и раководители и заменици раководители.

Тошковски рече дека очекувал вакво прашање со кое како што рече пратеничката ја „манипулира“ јавноста и сите нејзини граѓани или пак има погрешни информации. Тој кажа дека и покрај претходните напади на опозицијата дека во Дебар ќе нема ОВР, тоа сè уште функционира.

– Еве поминаа колку месеци, три четири, пет, ништо не е сменето. Во најмала мера неточни се информациите. Неточна ви е тезата дека Албанците биле деградирани. Зошто не кажете за РЦ Север, кој има повеќе вработени, зошто не кажете дека таму никогаш немало Албанец на раководно место, еве сега има – рече Тошковски.

Тој ја праша пратеничката дали ги бира лекарите по националност кога се лекува, посочувајќи дека тој силно верува во стручноста и професионалноста, без да ја гледа етничката застапеност.

– За првпат во историја на Македонија началник на РЦ Север е Албанец. РЦ Север има многу повеќе поголема надлежност РЦ Запад, многу поголема територија контролира, многу повеќе полициски службеници работат таму – кажа Тошковски.

Тој додаде дека во Липково во некои други општини работат управни служби, нагласувајќи дека во МВР во управните служби по однос на етничка застапеност има над 50 проценти Македонци и над 39, проценти Албанци и праша дали треба да ги деградира професионалците и да ги спушти на 25 проценти, иако професионално си ја вршат работата и дека во Тетово 23, 6 проценти се Македонци и 66, 29 проценти Албанци. Тој ја повика пратеничката да поставува прашања за други заедници, укажувајќи дека разлика до днеа тој секогаш се залага сите граѓани на оваа земја.

Пашоли не беше задоволна од одговорот на министерот за внатрешни работи.

Нејзиното второ прашање беше за министерката за образование Весна Јаневска за оптимизацијата конкретно за училишта во Дебар и праша дали Министерството за своите одлуки ја информирало општината, училиштата, синдикатите.

Министерката за образование Весна Јаневска рече дека образовните институции во Дебар треба да се информирани за процесот на оптимизација на образовните институции, која како што нагласи ќе придонесе да се придвижат работите во образованието. Таа нагласи дека оптимизацијата како процес ја работат заеднички со Светска Банка и со УНИЦЕФ и дека за вработувањата во самите училишта одлучуваат општините. Таа кажа дека претходната Влада не работела ништо за намалување на иселувањето, заради што сега државата се соочува со иселување, но дека и покрај „тоа што некои се потсмеваат“ последниве две години има во одредени училишта се зголемува бројот на ученици, бидејќи луѓето се враќаат во татковината.

– Во период од малку повеќе од 20 години бројот на ученици се намали за 28% додека во истиот период бројот на наставници се зголемил за 46%. Како резултат на тоа националниот просек се намалил од 18 ученици на 11,4 ученици по наставник. Во споредба со просекот од 15 ученици по наставник ова доведува до вишок на наставен кадар од околу 13 проценти. Финансиските последици се значајни затоа што во огромен број на општини 90 некаде и 100 проценти од блок дотациите се трошат само за плати на наставниците, рече Јаневска.

Таа потсети дека во минатото само за да се вработат наставници се делеле часови, што резултирало со намалени инвестиции во инфраструктура. Јаневска кажа дека во 147 подрачни училишта годинава нема запишано ученици и дека две третини од сите училишни објекти се подрачни училишта во кои учат само 12 проценти од учениците а во централните 88 отсто. За некои училишта рече дека 100 проценти од блок дотациите одат само за плати. Таа рече дека со Законот ќе се овозможи наставниците да работат со талентирани ученици, со оние кои заостануваат со програмата, како коучинг со друг наставник, да работат на животни вештини. Во однос на земјите од западот кажа дека таму има повеќе ученици во една паралелка, а нашите ученици се на последно место, иако во некои училишта за да не остане некој без работа за 20 деца се прават повеќе паралелки и дополни дека како за град како Дебар каде има 60 наставници повеќе од потребно од утврдените стандарди нема да се даде трансформација на работен однос.

Пратеничката од Европски фронт не беше задоволна од одговорот и изрази загриженост дека дел од наставниот кадар ќе остане без работа. Во тек е пауза, по што седницата продолжува.