Денеска, на првиот ден од новата година, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги посети полициските службеници од Одделот за информатика и телекомуникации на МВР, кои службено се ангажирани на врвот Солунска Глава, на надморска височина од над 2.500 метри, во смени кои траат и до 15 дена.

-Додека за многумина Новата година започнува во топлината на домот, дел од вработените во Министерството за внатрешни работи ја дочекуваат и ја започнуваат годината на должност, во исклучително тешки услови и на голема надморска височина, се наведува во соопштението од МВР.
Министерот Тошковски беше информиран за нивните тековни активности и за начинот на кој и во вакви екстремни услови се обезбедува непречено, сигурно и стабилно функционирање на комуникациските и информациските системи на Министерството за внатрешни работи.

-Оваа работа, иако далеку од очите на јавноста, претставува еден од клучните столбови за ефикасното функционирање на полицијата и безбедносниот систем во целина. Без стабилна и безбедна комуникација, полициските службеници не би можеле навремено да координираат активности, да реагираат на предизвиците и целосно да ја исполнат својата законска улога во заштитата на граѓаните, потенцираше Тошковски.
Министерот Тошковски упати искрена благодарност и признание до вработените од Одделот за информатика и телекомуникации за нивната професионалност, посветеност и подготвеност да ја носат оваа одговорност и за време на празниците, без прекин и без компромис со безбедноста.
Фото:МВР




