Над 100.000 граѓани на Република Македонија кои што немаат важечка лична карта, но имаат пасош со старото име на државата, нема да можат да го остварат своето основно право на глас на следните парламентарни и претседателски избори, вели техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски во неговото гостување на ТВ Алфа.
„Станува збор за минимум 100.000 граѓани кои што имаат важечка, односно неважечка патна исправа со старото име на државата кои што заради овие 54ца нема да можат да го остварат своето право на глас. Зошто не може да го остварат? Затоа што овие над 100.000 граѓани резиденти над 18 години согласно последните проверки кои што ми ги дадоа луѓето од министерство, немаат лична карта и единствено со пасош може да се легитимираат во рамки на избори за остварување на своето право на глас. Дали не сте загрижени дека единственото логично образложение зошто овие 54 пратеници не гласале е класичен изборен инженеринг на овие парламентарни и претседателски избори? 100.000 луѓе е фрапантна бројка имајќи предвид кој е бројот на државјани на Република Македонија и кој е бројот на оние граѓани кои што имаат важечки документи за идентификација“, истакнува Тошковски.
Министерот Тошковски јавно упати прашање до пратениците од владејачкото мнозинство дали 54-те пратеници кои не ги поддржаа законските измени за патни исправи се вклучени во рамки на изборен инженеринг со којшто се дискриминираат граѓаните на кои што оваа држава им издала важечка патна исправа, а сепак не можат да го остварат своето основно право на глас.