Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека сите документи поврзани со тендерот за униформи за МВР се јавно достапни. Одговарајќи на прашање за обвинувањата од СДСМ, кои тврдат дека тендерот е скандалозен и дека документите ги доставиле до Антикорупциската комисија, Тошковски потенцираше дека ќе бидат транспарентни во целиот тек на постапката.

– Уште еднаш ги повикам Јавното обвинителство и сите останати институции кои имаат надлежност во овој дел да дојдат во рамки на Министерството за внатрешни работи, во одделот што ги спроведува овие јавни набавки, да ги видат сите документи што се поврзани со предметната набавка. Министерството за внатрешни работи е транспарентно и ќе биде транспарентно во целост на оваа постапка, изјави Тошковски при денешната посета на граничниот премин „Јажинце-Глобочица“ со цел пуштање во употреба на One Stop системот за заедничка интегрирана контрола.