Продолжува изживувањето на осудените од 27 април кои со години гнијат во затвор. По прегледот за стент во срцето, Александар Јаневски Тошта е задржан една недела во болница на испитувања, и по отпуштањето наместо во амбуланстки услови, тој е казнет и сместен во затвореното одделение на штипскиот затвор, сведочи за Алфа сопругата Тања Јаневска.
Неколкупати досега Тошта преживеал стентирање на срцето и здравјето му било влошено, но затворот немал услови да го однесе на контрола. Како што раскажува сопругата, затворските власти самите му посочиле да си закажува прегледи кога е на викенд. Последниот пат тој бил задржан цела недела во Охридската болница поради влошено здравје, но затворските власти го третираат и го казнуваат како да бил во бегство, тврди Јаневска.
Денеска Јаневски Тошта треба да биде сместен во затворската амбуланта по налог на доктор, согласно документацијата што ја поседува семејството, но тој е во ќелија каде нема греење и се пуши.
Во телефонски разговор за Алфа директорот на затворот Мики Тодоров, вели дека сместувањето на Тошта во затворено одделение е согласно закон бидејќи секој можел да донесе било каква документација и да направи злоупотреба. Тодоров појасни дека се чека одлука од Управата за извршување на санкции, а исто така наведе дека затворот нема услови за посебни лекување и за тоа не е тој виновен.
Адвокатот на Тошта, Бојан Ваневски за Алфа вели дека откако Тошта е задржан во болница, од негова страна веднаш се известени КПУ Штип и Управата за извршување на санкции. Согласно законот, затворот треба да направи прекин на казната, а исто така во нивна надлежност се и спроводите до болница како и овозможувањето на престој во затворската амбуланта.
Александар Јаневски Тошта е осуден на 13 годишна казна затвор поради обид за убиство на тогашниот претседател на Алијанса на Албанците, Зијадин Села во нередите што се случија на 27 април во Собранието, пред неколку години.
Тој казната ја издржува во штипскиот затвор. Денови тој ќе биде даден на дисциплинска бидејќи претстојот во болницата, затворот го третира како бегство. И покрај уредната документација, Тошта може да биде казнет и префрлен во самица.