Околу 150 ученици од Ресен, кои што средното образование го продолжиле во Битола, денеска останаа без превоз, кој инаку им е загарантиран од Министерството за образование и наука, бидејќи средното образование е бесплатно и задолжително, изјави денеска Јован Тозиевски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Ресен.
– Околу 150 ученици и нивните родители останаа на милоста на градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, која не сака да потпише овие деца да го добијат она што им следува, иако паричните средства се добиваат преку блок дотациите од надлежното министерство. Учениците не ги интересира дали превозот чини четрсто или четиристотини денари, како што милува да каже градоначалничката Петровска. Локалната самоуправа на Ресен иако не е надлежна за овој проблем, сепак можеше да биде солидарна со овие деца и да апелира до градоначалничката на Општина Битола за да биде надминат овој проблем, а не брутално да ги набрка родителите, како овие деца да не се дел од нашата Општина, рече Тозиевски.
Доколку проблемот не биде решен, додаде Тозиевски, родителите се закануваат со порадикални мерки.
– Ја повикуваме градоначалничката која воедно доаѓа од секторот средно образование дали овие деца треба да се школуваат или пак треба да седат дома заради задоволување на некои свои лични страсти. Господа, дали ова се вашите европски вредности, прашува Тозиевски.