Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денеска престојува во дводневна официјална посета на Чешката Република, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Претседателот Иванов со највисоки државни и воени почести во Прага ќе биде примен од Претседателот на Чешката Република, Милош Земан. Предвидено е двајцата претседатели да одржат заедничка средба, по што двете официјални делегации ќе одржат пленарен состанок.

Во рамки на дводневната официјална посета на Чешката Република, Иванов ќе оствари средби со Претседателот на Владата на Чешката Република, Андреј Бабиш, со претседателот на сенатот, Милан Штех и со претседателот на Пратеничкиот дом, Радек Вондрачек.

Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, во рамки на дамската програма, ќе го посети Националниот институт за аутизам – НАУТИС во Прага.