Традиционално со срп денеска се ожнеани првите снопја ориз во кочанскиот регион, а ги зажнеа годинашната жетварска убавица Марија Симеонова, со што го означи официјалниот почеток на жетвата на засеаните речиси 2.600 хектари.

Со благослов, песна и ангажирање на аргатите, на оризовите полиња на Земјоделскиот институт во Кочани денеска се чествуваше собирањето на кочанското „бело злато“.

Голем број гости од земјата и странство дојдоа да ги видат обичаите што се дел од манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.

Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев потенцираше дека е неповолна состојбата со оризопроизводството поради што опаѓа интересот кај земјоделците.

– Крајно време е да се најде решение за подобар пласман на овој стратешки земјоделски производ, бидејќи тоа ќе значи сигурна егзистенција за неколку илјади земјоделци кои, за жал, ги напуштаат нивите. Доволен доказ за тоа е што од некогашните 9.000 хектари, денес се засеани помалку од една третина од површините, истакна Илијев.

Во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, што Општина Кочани годинава ја организира по дваесет и седми пат, беа доделени признанија за најдобар земјоделец и за хуманост, а наградите ги добија Злате Данев од селото Бели и Кирчо Стојов од Кочани.

Во културно-забавниот дел се одржа концерт на кој настапија фолклорни групи од Бугарија, Србија и Македонија.