Делегатите на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да гласаат за избор на еден од деветте пријавени кандидати за претседател на државата. На гласачките ливчиња кандидатите се испишани по азбучен ред, според првата буква од презимето.
На конвенцијата во Струга што почна напладне, дадена е пауза од два часа, додека трае гласањето, по што, во 18:00 треба да продолжи.
Во трката за претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ се Гордана Силјаноска Давкова, Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовски, Васко Костов и Ѓорѓи Манасков. Тие имаа 15-минутни обраќања во кои ги изнесоа своите визии и програми.
-Тоа што сум денеска тука го покажува реформскиот и демократски капацитет на ВМРО-ДПМНЕ да отвори порта на еден натпартиски кандидат. Не е доволно само да се нарекувате реформска партија, туку треба да посегате по истите. Во 2001 година ни се вкрстија патиштата со ВМРО-ДПМНЕ, потоа во Струга во 2004, потоа за Преспанскиот договор и на крај за Законот за јазици, рече Силјановска.
Најави дека ќе формира експертски тим на домашни и странски професори по меѓународно јавно право. – Да го отвориме прашањето за името на Република Македонија. Тоа не е затворено. Пред меѓународните судови и институции, нагласи Силјановска.
И Ѓорчев фокусот на обраќањето го стави на името на државата, откако директно побара доверба од своите сопартијци. -Веќе ги вадат таблите кај што пишува „Република Македонија“. Ако треба нека ни ги дадат нам, ќе ги чуваме и по подруми, и по тавани. Ќе дојде време кога повторно ќе ни требаат. Тоа е нашиот аманет – Република Македонија, нагласи Ѓорчев.
Во врска со неговата програма, напомена дека во првите три месеци планира да оствари средба со претседателот на САД, Доналд Трамп, да појде во Европската Комисија, во Брисел, во Берлин. – Секаде ќе ја кажам вистината за Македонија. Јас сум кандидат и на врмовското срце, дополни Ѓорчев.
Според кандидатот Шекутовски, претседателот на државата треба да сочува барем дел од вековното име на Републиката и оние 140 држави што не признаа под уставното име да ги извести за непочитување на нанесената неправда.
Илија Димовски вети дека ќе се заложи за реформи во повеќе сфери меѓу кои во образованието, Васко Костов најави заложби за благосостојба, мир и безбедност, но и непочитување на Преспанскиот договор, додека Кутлешоски потенцира дека не се согласува со промената на уставното име и порача да се најде начин да се промени, како што рече, историската грешка и да се зајакне борбата против криминалот.
-Не е целта кој ќе победи на конвенцијата, целта е ВМРО-ДПМНЕ убедливо да победи и да се врати на чело на политичката сцена, истакна Манасков.
Во своето обраќање на конвенцијата Филип Петровски посочи четири тези за кои ќе се залага: Поништување на Преспанскиот договор и двојазичноста, враќање на илинденските и асномските принципи и предвремени парламентарни избори. -Освен овие тези, нема да потпишам ниту еден закон на Заев, рече Петровски.
На конвецијата учествуваат 523 делегати. Ја отвори лидерот на партијата Христијан Мицкоски кој во обраќањето порача дека ВМРО-ДПМНЕ треба да избере човек кој ќе биде претседател на сите граѓани, што ќе ја води државата бестрашно и непоколебливо, човек кој ќе биде гаранција за квалитетот во носењето одлуки, кој ќе се обрзе да ги почитува Уставот и законите.