Самотија не носи само осаменост. Ужасна е состојбата на 60 годишниот Иво Марковиќ кој е оставен на милоста на соседите, а државата кренала раце.
Нема кој да му подаде рака и да го крене од изметот во кој е оставен со недели. Брза помош, итната социјална служба, МВР, Црвен Крст, сите овие институции се известени од страна на соседите, но залудно. Екипата на Алфа ги повика од итната социјална служба и брза помош. И едните другите беа запознаени со случајот и рекоа дека не е во нивна надлежност. Најмногу од се ги интересираше кој се јавува да се пријави.
Соседите се очајни. Последната гранка за нив е медиумски да се крене случајот зашто за нив агонијата трае со месеци.
Според раскажувањата на соседите, институциите очекуваат тие да преземат одговорност и да му ги извадат сите документи на Марковиќ за да може да има здравствено осигурување и да биде сместен во институција. Во скопската населба Карпош 3 дошле сите екипи. Соседите зад камера раскажуваат дека докторки од Брза Помош биле згрозени и не ни сакале да влезат внатре поради смрдеата.
Тој нема роднини, до пред 7 години живеел со својата мајка која починала. Марковиќ е Србин кој не извадил документи за станот кој е негов и во кој живее. Соседите велат дека е добар мајстор и дека заработувал поправајќи по куќи се додека лани во ноември не му пукнал чир. Оттогаш му почнува агонијата. Од болницата „Осми Септември“, после операцијата само го оставиле во станот иако знаеле дека му е потребна нега и дека нема кој да се грижи за него. За него е покрената постапка за македонско државјанство, но од февруари се чека началничка во МВР да потпише. Последниве недели, Марковиќ живее во агонија и чека социјален работник, доктор од Брза Помош или некој од МВР да му ги скрати маките.
Судбината на Иво Марковиќ кој е сам и е во рацете на државата е сликата за македонските институции кои со месеци немаат намера да си ја вршат својата работа.