На Петре Шилегов му оставив полна каса пари, една милијарда и 250 милиони денари или околу 21 милион евра и дополнително 4 милиони евра кои се побарувања од Валдата за учеството за изградбата на спортската сала Борис Трајковски, изјави поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.
Трајановски, кој сега е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното интервју во емисијата Филибастер на Радио Лидер, рече дека кога заминал од градоначалничката функција на Град Скопје, оставил полна каса пари, како и потпишани договори за капитални прокети и проекти во тек на изградба, но и проекти кои во голем дел биле целосно завршени.
-Му оставив полна каса пари, милијарда и 250 милиони денари или околу 21 милион евра и дополнително 4 илиони евра кои се побарувања од Валдата за учеството за изградбата на спортската сала Борис Трајковски. Прибира некаде околку 35 до 40 милиони евра, од тие веќе 25 милиони му оставивме во касата. Имаше потпишано договори за капитални проекти, му оставив проекти во тек на изградба, исто така околу 20 проекти во документација, во најголем дел целосно завршени, а одреден дел беа распишани тендери за тие проекти, вели Трајановски.
Тој смета дека дури сегашниот градоначалник Шилегов и ништо да не работел, администрацијата ќе можела да ги заврши тие проекти, како што впрочем во овој период биле завршени.
-Во прво време велеше дека Трајановски не ми остави никакви проекти, па после извесно време рече да остави, но не се добри, на крајот излезе дека по тие проекти ги распиша тие тендери и ги заврши. Немаше шанси да ги заврши ако не беа тие проекти готови, додаде тој.
Трајановски рече дека проектот Луна парк е завршен во 2018 година, Шилегов проектот го чува во фиока, а од тоа најмногу губат граѓаните. Додава дека доколку го продолжел проектот за Луна парк кој е започнат во негово владеење, седумте реквизити кои се набавени наместо да се чуваат по магацините или да стојат кај добавувачите, жителите на Скопје уште во 2018 година ќе можеле да ги користат.
Како што истакна тој, дел од реквизитите кои требало да бидат дел од Луна паркот биле пристигнати, а дел требало да пристигнат, притоа со тендерот кој што бил распишан предвидел истите да се донесат и монтираат и да се пуштат во употреба од страна на добавувачот.
-Ако го продолжеше ова, во тој случај жителите на Град Скопје во 2018-та година, во летото, веќе ќе можеа да ги користат благодетите од овие реквизити, посочи Трајановски.
Според Трајановски, секој градоначалник треба да ги продолжи проектите од претходниот, укажувајќи дека доколку проектите се во завршна фаза а се држат во фиока е незаисливо и необјасниво бидејќи од тоа најмногу губат граѓаните.