Повеќе од 30 пожарникари кои интервенираа со седум возила за речиси половина час го изгаснаа пожарот што избувна вечерва во модуларната болница во Тетово.
Како што изјави заменик-командирот на тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски, пламените јазици биле огромни, а од болницата се ваделе и жртви, но тоа се очекува да биде и официјално потврдено.
-Во 21 часот и две минути е пријавено дека гори модуларната болница во Медицински центар – Тетово. Екипите за три-четири минути пристигнаа на лице место со околу седум возила и над 30 пожарникари учествуваме од двете страни. Екипите кога пристигнаа, се беше во пламен. Тоа е внатрешно, не е надворешно. Се што е од наша страна употребено во 21 часот и 30 минути е локализиран пожарот. Во 21 часот и 45 минути е ликвидиран комплетно. Додека се гасеше пожарот, пламените јазици беа огромни, модуларната болница е се со пластика, се вадеа и жртви. Не може да го знаеме бројот, се уште немаме евиденција да видиме колку се, што се. Мислам дека има уште една жртва таму, таа е проверена, најверојатно е и почината. Но, има служби што работат на тоа и треба да утврдат од што е и како. Ние не можеме за тоа да даваме информации. Службите ќе го средат тоа, изјави Трајчевски.
Според него, пожарот е изгаснат моментално, а употребени биле сите расположливи средства.