Олгица НИКОЛА ТРАЈКОВСКА

После промената на името и низата континуирани интервенции во идентитетските, национални обележја на македонскиот народ, овојпат, остана – формално и целосно, со Пописот- да се заокружи инструираниот поход против македонството! Своерачно и доброволно, Македонците да се самоизбришат преку самопопишување…На Олтарот на „безалтернативниот“ тандем ЕУОроспијата&НАТО Аждерот!

Пописот, прокламиран како статистичка операција, всушност, со Законот за попис 2021. и дополнително, со Методологијата за пописот, е подмолна операција со одамна трасирани, очебијни политички цели, спротивни на Уставот (дури и ваков!), меѓународното право, ЕУ законодавство/стандарди, искуствата/практиките на држави-членки и други унитарни држави, како што е и македонската (потенцирам: унитарна!), па дури и контрадикторни на самиот, дефектен Закон за попис (за којшто е веќе доволно кажано).

Тие првенствено се однесуваат на:

  1. САМОБРИШЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ КАКО МАКЕДОНСКИ НАРОД

Според Методологијата, граѓаните може да се изјаснат само како припадници на „етнички заедници“. Нема графа за изјаснување како припадник на Македонскиот народ! Формално, Македонците може да се самопопишат САМО како припадници на „ЕТНИЧКА ЗАЕДНИЦА“, со што, треба самите да го потврдат своето непостоење како НАРОД! И полошо, посредно, да се сведат на уште пониска категорија – „ЕТНИЧКА ГРУПА“!

Еве зошто: Во Преамбулата на Уставот, е утврден статусот на Македонците како МАКЕДОНСКИ НАРОД, за разлика од статусот на малцинствата, кои се именувани како „ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ“ („делови од народи“). За нив, во посебни одредби се утврдени низа уставно гарантирани права. Според меѓународното право, иманентно на статусот „малцинство“ е постоење своја матична држава. Иако Уставот им дава повисок статус на Власите и Ромите како „делови од народи“, тие, според меѓународното право претставуваат „етнички групи“, точно поради тоа што немаат свои матични држави. Со изјаснување на Македонците како „етничка заедница“ во пописните формулари, покрај тоа што самите (ќе) се избришат како припадници на народ (парадоксално!) во СВОЈАТА ЕДИНСТВЕНА ДРЖАВА – МАКЕДОНИЈА, тие всушност, – едновремено, се бришат и како малцинство („етничка заедница“) бидејќи, немаат своја (друга) матична држава! Последицата е: фактички и формално, Македонците, прифаќајки дека не се припадници на „народ“, туку на етничка заедница (малцинство во „својата држава“?), всушност, се симнуваат на уште понизок степен – на „етничка група“, откажувајќи се од  својата матична држава, како нејзин народ!

Овој процес на бришење на државотворноста на Македонскиот народ на државата Македонија и нејзината национална карактеристика, кога што и почнува процесот на дискриминација на Македонците и проектираната нефункционалност на државата, се започнати со Рамковниот и амандманите 2001., а потоа и продлабочени со сите следни амандамни, каде МК народ – ex lege, постепено ги губи своите идентитетски корени и обележја како народ, особено со бришењето на македонското малцинство во соседните држави, со низата познати, криминални и октроирани договори, платформи, закони, амандмани, и така, се` до – Пописов, како круна на (само)убиството!

  1. НЕРЕЛЕВАНТНОСТ НА ИЗЈАСНУВАЊЕТО ЗА ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ

Природниот инстинкт на Македонците – максимално да се мобилизираат и што помасовно попишат како Македонци, заради одбрана и сочувување на својата идентитетска посебност, однапред е издишана надеж, по пат на – обезбедување формална НЕРЕЛЕВАНТНОСТ на овие податоци! Дури, и да се попишат како припадници на „македонска етничка заедница“ (види:точка 1.) , нивниот број (%) нема никаква правна вредност, ниту основа за обезбедување некакви политички последици/статус/права, затоа што, однапред и подмолно е оневозможена веродостојноста на таков податок, на следниот начин:

-Изјаснувањето за национална припадност е ФАКУЛТАТИВНО,

-Нема веродостојни податоци во надлежен ДРЖАВЕН ОРГАН за граѓани со македонска национална припадност во различни сектори! (Еве само еден пример: Во Обрасците за лична карта на македонски јазик, нема графа за изјаснување на нац. припадност, но има во Обрасците на албански јазик, што е спротивно на Уставот и Правилникот на МВР, а што натаму се одразува и на евидентирањето на овие документи во МВР, коешто е должно да ги води согласно својата надлежност. Оттука, во МВР нема релевантна евиденција за издадени лични карти на граѓани од македонска националност! *За оваа дискриминација е поднесено соодветно Барање за заштита до Уставниот суд.​)

-Неможноста од СПОРЕДБЕНА ПРОВЕРКА на податоците добиени на терен и тие што се водат кај државни органи, бидејќи тие, однапред – ем се факултативни, ем се неверодостојни. (При вакви случаи, битно е правилото дека податоците од теренот, не може да ги супституираат  официјално непостоечките кај државните органи).

– Од друга страна, употребата и содржината на придавката „МАКЕДОНСКО/ска/ски …“ сама за себе, по обем, временски и политички, е строго лимитирана со Преспанскиот договор. Воедно, со Уставниот закон за спроведување на Амандманите (33.-36.) во согласност со ПД, надвор од амандманите (ниеден не предвидува дополнителен, нов назив за државјанството) и спротивно на Уставот ( кој утврдува само еден назив за овој правен однос со државата), е утврдено дека државјанството ќе биде „МАКЕДОНСКО/граѓани на Северната…“ и внимавајте(!), тоа, според Законот: „… не ја определува ниту ја предодредува ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ на граѓаните …“. Тогаш, како би гласела „македонската етничка припадност“? (*За оваа противуставност е поднесена Иницијатива до Уставниот суд​). Настрана „пријателските“ преговори со Бугарија и познатите безобзирни, нацистички барања околу се`македонските идентитетски прашања, поддржани од меѓународната…

  1. ДЕГРАДАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И КИРИЛСКОТО ПИСМО, КАКО СЛУЖБЕН ЈАЗИК

Со решението дека Пописот ќе се врши на 7 (седум) јазици – директно се повредува уставната одредба за употреба на македонскиот јазик и неговото кирилското писмо, како службен јазик на државата. Пописот е државна/службена функција на државно ниво и се врши од овластени државни органи и лица. Согласно Уставот и унитарниот карактер на државата (чл.7), државна операција може да се врши на службениот јазик. Не постои унитарна држава со 2,3… дури и 7 јазици за вршење државни работи/овластувања.

Целта од воведувањето 7 паралелни („службени“) јазици, меѓу кои и македонскиот, без разработка како практично би се остварувало, не е, и не може да биде некакво, божемно обезбедување човеково право на изјаснување на свој јазик, туку смислено ДЕГРАДИРАЊЕ на уставното значење на македонскиот јазик во македонската држава, веќе темелно оспоруван… Инаку, ако е така, – зошто само седум? Што со правото на оние лица кои говорат некој друг јазик – девети… дванаесети…, надвор од 7-те? На овој начин, дополнително се врши и ДИСКРИМИНАЦИЈА на лица затекнати на тлото на МК, кои говорат друг јазик, од предвидените седум.

Секако, друго е прашањето за правото на секое попишано лице, по свое барање – да се обрати, да изврши увид и да добие известување од надлежниот Орган за внесените податоци што ги дало, и на својот јазик, што е негово поединечно човеково право, и вградено во решенијата на посочените држави, а коешто, за жал, во прописите на власта – не постои!

  1. ЈАЗИКОТ, КАКО ПОСЛЕДЕН БЕДЕМ ЗА БРИШЕЊЕ НА МАКЕДОНСТВОТО

Податоците – релевантни за постигнување политички цели е обезбедено со ЗАДОЛЖИТЕНОСТА на изјаснување за користење на јазикот! И наместо да се приберат податоци за „мајчиниот јазик“ (што е решение во компаративните решенија и кое, според меѓународното право нема државоправни последици), со Методологијата се предвидени повеќе степени на користење на јазиците, кои според Уставот имаат огромно државноправно значење. И токму ова е еден од основите за можни/веројатни манипулации…

Преку јазикот, всушност, се обезбедува остварување права на конкретна, фаворизирна „етничка заедница“ (албанската), за чии недозволиви цели, веќе, со низа уставни и законски решенија, континуирано, се руши унитарноста на државата и се дискриминираат сите други… започнати уште од 2001. со Рамковниот, поткрепени, или иницирани од интересите на соседни држави и Меѓународната, формално изразени во Пржинските, Бугарскиот и Преспанскиот договор, Тиранската платформа и двојазичниот Закон, а сега и со – Пописов.

Оттука, политичкото тежиште, би рекла и – злоупотребата на Пописот за политички цели, се врши преку податоците за ЈАЗИКОТ (оние 20% од Уставот се врзани со употреба на јазикот), заради остварување на политичките цели на припадници на конкретнета етничка заедница, спротивно на граѓанскиот концепт на која било држава! Затоа што само јазикот има државноправно значење! Посредно, преку јазикот се остваруваат недозволиви политичките цели на одреден етницитет! Преку јазикот се вршат недозволиви разграничувња, антагонизми, поделби, обединувања или завладување со други… И особено – кога службениот јазик не е сфатен како средство за меѓусебно разбирање и функционирање на државата, а малцинскиот е сфатен како оружје за подмолно завладување со државата и поништување на нејзиниот мнозински, државотворен народ и воопшто, на населението, кое, во значаен дел припаѓа на други малцинства и користи други јазици…иако при тоа, зачувувањето/негувањето на нивните идентитетски обележја се уставно гарантирани на далеку повисоко ниво` од меѓународните стандарди!

Долго години, перфидно и темелно се работело на овој епилог – албанизација на Македонија (комбинирана со „бугарските корени“), со уништување на МК држава и народ.

При ваква загроза на македонството, очекувано е дека на Пописот, дел од лица со мешовито потекло, лукратно настроени и од други сл. причини, „излезот“ ќе си го бараат во себеопределување како припадници на други етницитети и корисници на други јазици. Има ли сомнение како (со посредство на други лица- кои?), ќе се изјаснат новите и се` побројни сограѓани – дојденци, кои по различни основи добиваат државјанство на Севернава, вклучително и бегалците и мигрантите со доделен статус во Севернава!?

И да не заборавиме – како едно од можните(!) решенија на Концептот на „Северниот конструкт“ е формирање „нова нација“ (според новото име), во која, официјално – нема да биде битен составот на граѓаните според нивната етничка припадност (ама, задолжително – без македонски народ!), а официјален јазик ( или јазици, за почеток…) да биде определен во зависност од податоците за јазикот од Пописот, независно од етничкиот состав! Како натаму ова ќе се развива, останува да видиме… (*освен ако​ ​..?)

Практично, со Методологијата се потврдува дека, покрај другите континуирани замки и јамки, ЈАЗИКОТ е последниот бедем за целосно уништување на МК држава и народ. Но –  и најсилниот  БЕДЕМ за нивна одбрана!

  1. ОТСУСТВО НА КАКОВ БИЛО КОНТРОЛЕН МЕХАНИЗАМ НА ПОДАТОЦИТЕ

За основаноста на сомнението – колку податоците ќе бидат верни на фактичката состојба (покрај богатото искуство со низата неправилности/злоупотреби на власта на сите полиња, особено на изборите) придонесуваат и решенијата во прописите за Пописот, кои, за разлика од посочени компаративни решенија – немаат предвидено механизми за увид/проверка на податоците, а првенствено – попишаното лице НЕМА ПРАВО – со своја шифра да влезе во „својот, електронски пописен лист“ (на пример, како на банковна сметка) за да ја провери веродостојноста на дадените податоци!

Сомненијата се уште позасилени со фактот што, официјалните податоци што се должни да ги водат низа државни органи не се ажурирани, се непотполни, а оттука не се веродостојни (според низа примери и изјава на експерти), а воедно што во Методологијата регулативата за овие податоци е сосема различна од тие утврдени во Законот.

Кој би верувал дека, при ваква компромитирана власт – прибраните податоци од терен нема да бидат „прилагодувани“ на однапред поставени цели? И особено, што во услови на Пандемија, кога другите држави ги одлагаат пописите, „нашиве“ власти инсистираат на одржување по секоја цена, сесрдно поддржани и од „стратешкиот партнер“ и докажан „пријател“ на македонството!

Останува прашањето: Како да се постапи, кога резултатите од Пописот се извесно – однапред договорени; кога нема кредибилна опозиција со јасен став и апел; кога повторно, и со низа санкции народот се присилува да ја игра улогата на статист во претставата на сопствената погибија, обезбедувајќи и` легалност и легитимитет (како и за изборите) итн…?

Февруари, 2021.