Скопјанката Олгица Никола Трајковска поднесе барање до директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, за итна промена на Методологијата за спроведување на пописот и барање во нејзе да се внесе можноста Македонците да се изјаснуваат како припадници на македонскиот народ, а не како припадници на етничка заедница. Трајковска му предочува дека во спротивно врши „повреда на рамноправноста на граѓаните“ од член 137 од КЗ, дело за кое е предвидена казна и до пет години затвор.

Трајковска во барањето истакнува дека „потребно е ИТНО да преземете неоходни измени и дополнувања на Методологијата во посочената одреба со пропишување можност Македонците слободно да ја изразат својата припадност кон МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, еднакво како што пропишавте дека припадници на етнички малцинства може слободно да ја изразат својата припадност кон некоја од ЕТНИЧКИТЕ ЗАЕДНИЦИ.“

Симовски, кој на најшироката јавноста и стана познат како човек кој безмалку секојдневно им се заканува на граѓаните со затвор доколку дадат поинакви податоци или доколку одбијат да се попишат (парична казна), овој пат за прв пат се соочува со очигледно доброномарна сугестија дека според неговата фалшлива Методологија и тој може да се „заглави“ со казна.

Инаку, Симовски се прослави и со извинувањето до заменикот директорот на ДЗС од ДУИ, Селами, откако изјави дека не може друго лица за некого да ја изјавува националната и верска припадност (нешто што во старт пописот го прави апсолутно нерегуларен), по што беше искаран, па откако ја наведна главата, повторно почна со своите арогантни заканувачки изјави кон граѓаните. Овој дел од начинот на спроведување на пописот, секако може да му донесе нови неприлики, бидејќи националната и верската определба е лично право за кое не може друг да се изјаснува.

Еве го целиот документ на Трајковска испратен до Симовски:

До

ДИРЕКТОРОТ 

на Државниот завод за статистика

ул. „Даме Груев“ бр.4

С к о п ј е

Предмет: Барање за ИТНА измена  на Методологијата, поради противуставност, противзаконитост,  дискриминација и уцена

Уважен Г-дине,

Вие, како законски овластено лице,  ја пропишавте  Метологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите  во 2021 година, бр.23-4/1  од 4. февруари, 2021.,  која, покрај другите неправилности, содржи и ПРОТИВУСТАВНА и ПРОТИВЗАКОНСКА одредба (Точка 6.1. Припадност кон етничка заедница) што е од суштинско значење за македонскиот народ, оттука и за мене, како Македонка.

Потребно е ИТНО да преземете неоходни измени и дополнувања на Методологијата во посочената одреба со пропишување можност Македонците слободно да ја изразат својата припадност кон МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, еднакво како што пропишавте дека припадници на етнички малцинства може слободно да ја изразат својата припадност кон некоја од ЕТНИЧКИТЕ ЗАЕДНИЦИ.

Доколку не извршите благовремено усогласување на Методологијата со Уставот, со кој мора да биде во согласност ( види чл.51), јас како Македонка и припадник на македонскиот народ, Ве известувам дека не  прифаќам/одбивам попишување под условите пропишани со Методологијата, затоа што, според неа:

– Немам ПРАВО да се изјаснам како припадник на македонскиот народ, што  е мое уставно гаранирано право, како темелна вредност на уставниот поредок,  туку само како припадник на етничко малцинство (синоними се „етничка заедница“/ „дел од народ“);

– Сум ДИСКРИМИНИРАНА во однос на припадниците на етничките малцинства кои можат да се изјаснат за својата припадност;

– Сум УЦЕНЕТА со висока парична казна да мора да се попишам на противуставен/противазконски начин пропишан со Методологијата и да го

– ПРЕКРШАМ Уставот, кој е повисок акт од Вашата Матодологија, а сето,  од причини, подолу образложени/појаснети.

Воедно Ве потсетувам дека, доколку не извршите корекција, вршите кривично дело – Повреда на рамноправноста на граѓаните од чл.137 на Кривичниот законик со запретана казна до 5 години затвор.

Заради оценка на уставноста/законитоста на одредбата од Методологијата, имам  поднесено Иницијатива и до Уставниот суд.

О б р а з л о ж е н и е

Во Метологијата имате пропишано:

„ 6. ЕТНОКУЛТУРНИ КАРАКТЕРИСТИКИ

 6.1 Припадност кон етничка заедница 

Припадноста кон етничка заедница се дефинира како чувство на припадност на лицетоединица на Попис кон одредена етничка заедница…“

I Според Уставот ( чл. 8 ), како едно од ОСНОВНИТЕ слободи и права на човекот и граѓанинот е  правото за СЛОБОДНО ИЗЈАСНУВАЊЕ НА СВОЈАТА НАЦИОНАЛНА ПРИПАДНОСТ.

Чл. 8:

        Темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се:

        -…

        – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот;

        – слободното изразување на НАЦИОНАЛНАТА припадност “ ( во која спаѓа изразување на припадност кон македонскиот НАРОД или кон етничка заедница, односно „етничко малцинство“)…

II

Воедно со Уставот е направена дистинкција на поимот Македонски НАРОД и етничко малцинство, терминолошки изразено како „ДЕЛОВИ ОД НАРОДИ“, односно етнички ЗАЕДНИЦИ. (Види: Преамбула,  чл.49/ Амандман XXXVI во однос на чл.48).

Преамбула:

„Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“

Чл. 49/АмандманXXXVI

Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.

III

Оттука, Македонците, како припадници на НАРОД, постапувајќи според Методологијата, треба да го ПРЕКРШАТ Уставот, односно – противуставно -да се откажат од својата национална припадност на македонскиот народ и противуставно да се попишат/ изјаснат како припадници на етничко малцинство – ЕТНИЧКА ЗАЕДНИЦА.

А одбивањето да се изјаснат согласно Методологијата, што е спротивно на Уставот, и покрај нивната намера/обврска  за попишување, е парично санкционирано со соодветниот закон за попис, што претставува УЦЕНА за вакво противуставно изјаснување!

IV

Со тоа, воедно  правите ДИСКРИМИНАЦИЈА на Македонците во однос на припадниците на етничките заедници, бидејќи Македонците не можат, а етничките малцинства ( „делови од народи“) смеат и можат – слободно да ја искажат својата национална припадност.

Дискриминацијата  е воедно дефинирана и санкционирана со Законот за спречување и заштита од дискриминација ( види чл.5), но и  како кривично дело со Кривичниот законик (види чл.137).

V

Заради оценка на уставноста/законитоста на одредбата од Методологијата, имам  поднесено Иницијатива и до Уставниот суд.

Подносител,

Олгица  Никола Трајковска, Скопје

03.Март, 2021.