Судењето за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година „Тортура” на Специјалното јавно обвинителство продолжува по одморите на 13 септември, откако на денешното рочиште беа сослушани сведоците Јордан Камчев и Оливера Трајковска.

Судскиот процес го води судијката Александра Ристевска, а застапник на обвинението е Љубомир Лапе од СЈО.

Сведокот Јордан Камчев, на прашање од обвинителот Лапе, дали знае зошто е повикан денеска, рече дека не знае.

– Од медиуми ми е познато што и вас ви е познато, дека МВР спровело акција за некој што земал мито. За случајот како и сите тука имам разговарано со многу луѓе по телефон, изјави Камчев.

Прашан дали во обвинителство му бил предочен разговор со Оливера Трајковска, Камчев посочи дека и тогаш и сега кажува дека тие разговори не ги признава како автентични.

Претходно, пред судот беше сослушана новинарката Оливера Трајковска.

На прашање од обвинителот Лепе, таа рече дека и во обвинителството потврдила дека снимката од нејзиниот разговор со Јордан Камчев е автентична, како и дека во однос на снимките кои ги слушнала во обвинителството нема особено што да додаде за настанот за случајот „Тортура“.

– Зошто се сеќавам живо на разговорот од снимката е зашто тоа е ден после изборниот резултат и победата на ВМРО-ДПМНЕ. Треба да разберете дека не ги помнам датумите, туку ги помнам настаните, кои како новинар ги сметам за интересни, рече Трајковска.

Од разговорот, како што наведе, може да сведе дека откако ги споделува нејзините согледувања за резултатите, Камчев и кажува дека за околу еден час ќе се случи нешто интересно.

– Од аголот на мојата тераса колку можев да видам имаше многу новинари на паркингот пред Воденица. Го видов и Љубе Бошковски и после некое време имав впечаток дека се врши некаков увид, бидејќи само вртеа околу возило, изјави Трајковски.

Третиот сведок, повикан за денешното рочиште Иво Котевски, не беше присутен, поради неможност на органите за прогон за негово лоцирање на адресата на живеење.

Во „Тортура“ заедно со Сашо Мијалков се обвинети и поранешниот прв човек на единицата Алфи, Ивица Антевски Пуки и уште петмина припадници на единицата.