Веќе извесно време се забележува дека стапката на леталитет, како сооднос на бројот на починати и вкупниот број на случаи (Case Fatality Rate – CFR) е невообичаено висок. Од доаѓањето на Делта сојот до денес, оваа стапка изнесува 3,83% (+/-0,10%), што е значително повеќе од стапката пред појавата на Делта сојот (3,52%). Досега тоа го толкувавме со намалениот број на тестирања.
Но, ќе видиме дека ситуацијата е многу потешка и дека не може да се објасни со намалениот број на тестирања. За таа цел ќе ја пресметаме стапката на болнички леталитет од почетокот на бранот на Делта сојот во Македонија.
Да ги видиме најпрво конечните броеви, а потоа ќе се навратиме на пресметката. Во периодот од 11.07.2021 до 10.10.2021 (за 91 ден) во македонските ковид болници влегле вкупно 2.222 пациенти. Сметајќи со среден временски интервал од 7 дена од хоспитализацијата до смртниот исход (овој интервал е добиен порано со регресиона анализа), во периодот од 18.07.2021 до 17.10.2021 (91 ден) во болниците починале вкупно 1.367 лица. Оттука ја добиваме неверојатно високата стапка на болнички леталитет од 61,5%! Оваа стапка е многу повисока од стапката пред пристигнувањето на Делта сојот, која изнесуваше 43,5%.
Во овие пресметки, прикажани табеларно на сликата, најважно е точно да се определи бројот на лица кои влегле во болниците до определен датум, а тој е еднаков на збирот на вкупно испишаните, вкупно починатите и активно хоспитализираните до тој датум. Броевите ги земаме од неделните извештаи на ИЈЗ Скопје.
Бројот на новохоспитализирани во периодот од 91 ден го добиваме како разлика на вкупните броеви на хоспитализирани на ден 10.10.2021 и 10.10.2021 и истиот изнесува 2.222.
Бројот на починати во болнички услови за 91 ден го добиваме како разлика на вкупните броеви на починати на ден 17.10.2021 и 18.07.2021 и истиот изнесува 1.367. Неделните извештаи на ИЈЗ Скопје за овие датуми можат да се преземат нивниот веб сајт.
http://iph.mk/…/2021/10/info-COVID-19-do-17.10.2021.pdf)
Броевите се навистина фрапантни, дај Боже да се огласат од ИЈЗ и да кажат дека имаат грешка, но тоа е малку веројатно.
Заклучокот е дека не само што стапката на вкупен леталитет е повисока, туку и стапката на болнички леталитет е поголема за речиси една половина од порано благодарение на Делта сојот. Сето тоа во услови на натполовична вакцинираност кај населението над 60 години, инаку болничкиот и вкупниот леталитет би биле уште повисоки. Од статистиките на морталитетот кај вакцинираните следи дека најголемиот ефект од вакцините се согледува од намалената потреба за хоспитализација. Невакцинираните многу почесто стигнуваат во болница, а штом стигнат до таму, шансите се 61,5% дека лекувањето ќе заврши со смртен исход.
Очигледно е дека во македонските болници лекувањето има многу слаб квалитет. Нашите здравствени власти имаа време од 18 месеци да доведат неколку странски доктори кои би лекувале едно одделение болни од ковид, каде нашиот медицински персонал би научил како треба правилно да се лекува. Во вакви ситуации треба суетата да се остави на страна, бидејќи чини многу човечки животи. Всушност, бидејќи се работи за нова болест, самите доктори требале да побараат странска помош, затоа што леталитет од 61,5% е сé, само не нормален. За споредба, во САД стапката на болнички леталитет од ковид изнесува околу 10%.
Иако се изгубени многу животи (одвишната смртност од почетокот на епидемијата до сега изнесува околу 13.000 лица), не е доцна да се проба со странски доктори, бидејќи есенскиот бран штотуку започнува. Во западна Европа повеќе нема голем притисок врз болниците, па ќе биде полесно да се најдат слободни доктори. А со суетата можеме да продолжиме после епидемијата.