Тука сите вредно работат и Диелза веќе го вози тракторот, објави денеска фото-вест од селото Граешница, вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска.
– Посета на село Граешница. Тука сите вредно работат. И Диелза (до мене) веќе знае да го вози новиот трактор, обезбеден со средства од новиот повик за ИПАРД 2. Со европски пари до подобро домашно производство, објави Шеќеринска на Фејсбук.
Браво за Диелза, браво и за Граешница. Но, не и за Шеќеринска, бидејќи, најмалку барем е непристојно деца да се користат во политичка пропаганда. А тие што се разбираат во правата на децата, можеби можат да кажат и нешто повеќе за користење на малолетници за политички промоции.
Нешто слично се случуваше и неодамна, кога од власта и од ресорот што го води Шеќеринска, деца беа вклучени во политичката кампања за НАТО.
Од Центарот за комуникации на СДСМ известија дека „денеска заменик претседателката на СДСМ, Шекеринска е со граѓаните на Битола“.
– Попладнево, со почеток во 19 часот предвидена е маалска средба каде што заменик претседателката Шекеринска ќе има свое обраќање, ќе разговара со граѓаните и ќе одговара на нивни прашања. Средбите со граѓаните се дел од активностите на партијата во летниот период, во рамки на новиот систем на делување. Тимови на СДСМ на централно и локално ниво, придружувани од партиски носители на функции, советници, нашите градоначалници, директори ќе се сретнат со граѓаните ширум Републиката, соопштија од СДСМ.
(Д.Г.)