Иако во поумерен и покултурен тон од нивното прво соочување, сепак и овој пат не изостанаа меѓусебните обвинувања за корупција и малверзации. Најголемите критики сепак беа за борбата против светската пандемија.
-Се учиме да живееме со вирусот, немаме друг избор, не можеме да се заклучиме во подрум како што прави Џо, тој има можност да се заклучи самиот, не знам најверојатно направил многу пари некаде, но сака да живее во подрум, рече Трамп.
-Се учиме да живееме со вирусот? Умираме со него. Затоа што никогаш не кажа дека е опасен, кога последен пат кажа, дали е опасен, сега? Им го кажа тоа на луѓето дека е опасен сега вирусот и што треба да направат? Велиш дека не презимаш одговорност, вели Бајден.
-Преземам целосна одговорност, но не е моја вина што пристигна тука вирусот, Кина е виновна, додаде Трамп.
Обвинувања имаше и за странско влијание, но и за банкарски сметки во други држави. Трамп, побара од Бајден објаснување дали добил милионски суми од Русија, тој пак возврати со барање американскиот претседател да открие дали има тајни сметки во Кина.
-Џо доби три и пол милиони долари кои дојдоа преку Путин. Бидејќи беше многу близок со поранешниот градоначалник на Москва и твоето семејство доби 3,5 милиони евра, и некој ден ќе треба да објасниш зошто, бидејќи јас никогаш не добив пари од Русија. – Доналд Трамп – Претседател на САД
– Не сум добил ништо од странска држава во животот. Дознавме дека овој претседател платил данок во Кина, има тајна банкарска сметка во Кина, тера бизниси во Кина, а ме обвинува мене дека сум добил пари?- Џо Бајден – Кандидат за претседател на САД
Во дебатата стана и збор за односите на САД со сојузниците, но и со Северна Кореја, каде паднаа и едни од најтешките зборови меѓу кандидатите.
-Знаете што, со Северна Кореја не сме во војна, имаме добри односи. Знаете, да имате добри односи со лидери на други држави е добра работа, кажа Трамп.
– Имавме добри односи и со Хитлер пред да изврши инвазија на Европа, возврати Бајден.
Вчерашната дебата, е последна пред изборите во САД кои треба да се одржат на 3 ноември. За прв пат до сега, модераторот имаше можност да го исклучи микрофонот на еден од кандидатите, нешто што се покажа како потребно по првата дебата на двајцата кандидати која беше прогласена за најлоша до сега.