Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека им наредил на членовите на администрацијата барем привремено да го запрат финансисрањето на Светската здравствена организација заради начинот на кој таа раководеше со пандемијата на коронавирусот.
На прес конференција во Белата куќа Трамп кажа дека СЗО не ја исполни својата основна должност и дека за тоа мора да одговара, пренесоа британските медиуми.
Тој ја обвини СЗО дека промовира „кинески дезинформации“ за коорнавирусот, што, како што оцени, веројатно доведе до поголема епидемија на вирусот отколку што во спротивно ќе се случеше.
Генералниот директор на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус претходно изјави дека се надева дека САД ќе продолжат да ја финансираат оваа агенцина ОН, која го предводи глобалниот одговор на пандемијата на коронавирусот, и покрај критиките од американскиот претседател.
Трамп првично ја критикуваше СЗО дека е премногу „ориентирана кон Кина“ и порача дека затоа ќе ги суспендира финансиските средства што Вашингтон ги одвојува за СЗО.
Претседстелот на САД неколку дена подоцна упати и директна критика и кон директорот на СЗО дека ја политизира кризата со коронавирусот.