Американскиот претседател Доналд Трамп во средата ѝ постави директен ултиматум на Русија, барајќи од неа да ја заврши војната во Украина и да склучи „договор“ или ќе се соочи со нови санкции и високи увозни царини.

Трамп го објави предупредувањето на својата онлајн-платформа Трут сошл, инсистирајќи дека „не сака да ѝ наштети на Русија“.

„Јас го сакам рускиот народ и отсекогаш имав многу добри односи со претседателот Путин“, напиша Трамп.

„Никогаш не смееме да заборавиме дека Русија ни помогна да победиме во Втората светска војна, загубувајќи речиси 60.000.000 животи во тој процес“, напиша тој, преувеличувајќи ги проценетите загуби на Советскиот Сојуз за повеќе од два пати.

„Кога се знае ова, јас ќе ѝ направам на Русија, чија економија пропаѓа, и на претседателот Путин, многу голема УСЛУГА. Договорете се сега и ЗАПРЕТЕ ја оваа бесмислена војна! ТАА САМО ЌЕ СЕ ВЛОШУВА“, порача Трамп.

Ако тоа не се случи, Трамп порача:

„Немам друг избор освен да наметнам високи тарифи, тарифи и санкции за сè што Русија и продава на Америка и на разни други земји учеснички“.