Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Иран е толку нестабилен што тамошната Влада го блокирала пристапот до Интернет, со цел Иранците да не можат да слушнат што зборува тој, коментирајќи го како „ужасно насилство“.

Трамп на Твитер напиша дека иранската Влада сака „нулта транспарентност“ и оти верува дека со исклучувањето на Интернетот ќе го спречи остатокот од светот да дознае за „смртните случаи и трагедиите предизвикани од иранскиот режим“.

Пристапот до Интернет во Иран е блокиран уште од саботата, поради насилството што избувна на протестите поради зголемувањето на цената на бензинот за 50 проценти.

Иранскиот претседател Хасан Рохани вчера прогласи победа над демонстрантите, обвинувајќи странски сили за предизвикување на немирите во земјата заради повисоката цена на горивата, додека ирански функционер ги отфрли „шпекулативните“ наводи за над 100 мртви демонстранти.

Илјадници лица денеска учествуваа во провладините демонстрации, пренесоа иранските државни медиуми.

Ирански државјани со двојно државјанство се меѓу уапсените демонстранти во северната покраина Алборз, наведува агенцијата Фарс.

Агенцијата, повикувајќи се на безбедносни извори, наведува дека затворени се германски, турски и авганистански државјани кои поседуваат и иранско државјанство, како и тоа дека биле тренирани и платени од странски служби за да ја уништат иранската инфраструктура и да ги поттикат граѓанските немири.

Овие лица имале посебна опрема за саботирање, наведува агенцијата Фарс.

-Иранскиот народ повторно успешно го положи историскиот испит и покажа дека нема да им дозоли на непријателите да профитираат од оваа ситуација, иако можеби ќе има преговори за управувањето со земјата, рече Рохани, а пренесоа државните медиуми.

-Спонтаните (провладини) демонстрации кои ги гледате се најголемиот знак на моќта на иранскиот народ, додаде иранскиот претседател.