Американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Кина за евентуални „последици„ доколку била „свесна за одговорноста“ за пандемијата на коронавирус.

– Можеше да се запре во Кина пред да започне, а не беше, и сега целиот свет страда поради тоа, рече синоќа Трамп, осврнувајќи се на пандемијата на коронавирус за време на неговата дневна конференција во Белата куќа.

Запрашан од новинарите дали Кина треба да сноси последиците поради епидемијата на вирусот од кој досега починаа над 157 илјади луѓе во светот, Трамп рече дека „ако е свесна за одговорноста – секако, секако“. – Ако било грешка, грешка е грешка, заклучи Трамп.

Тој се прашува дали станува збор за грешка, која излегла од контрола или тоа е направено намерно и додаде дека постои голема разлика меѓу тие две работи. Но, оти во секој случај Кинезите требале да го известат светот за тоа.

– Баравме порано да бидеме вклучени, но тие не сакаа. Мислам дека знаеја дека не беше добро и им беше непријатно. Тие рекоа дека спроведуваат истрага. Добро, ајде да видиме што ќе биде со нивната истрага. Меѓутоа и ние спроведуваме истраги, потенцираше Трамп.

Тој, исто така, ги доведе во прашање и официјалните кинески податоци за коронавирусот, укажувајќи дека таму стапката на смртност била 0,33 на 100.000 жители.

– Таа бројка не е можна. не е можно да се постигне таква бројка, рече Трамп. Според графиконот кој синоќа беше претставен на прес конференцијата во Белата куќа, во САД се евидентирани 11,24 смртни случаи на 100.000 жители, споредено со 27,92 во Франција и 42,81 во Шпанија.