Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека за време на американската воена операција во Венецуела, во која беше уапсен Николас Мадуро, имало неколку повредени припадници на американските сили, но немало загинати.
Во своите најнови коментари за воздушните напади и апсењето на венецуелскиот претседател, Трамп за „Фокс Њуз“ изјави дека американските сили претрпеле мал број повреди, но дека операцијата била спроведена без смртни случаи на американската страна. Американскиот претседател најави и дека во 17 часот по средноевропско време ќе одржи прес-конференција.
Доналд Трамп им оддаде признание на „брзината и ефикасноста“ на единицата „Делта Форс“ (Delta Force), елитната специјална единица која го уапси венецуелскиот лидер.
– Тоа беше неверојатна работа, неверојатна работа што ја завршија тие луѓе, никој друг не би можел да направи такво нешто, рече тој, тврдејќи дека американските сили „упаднале на места каде што всушност не било можно да се упадне“.
– Сум извршил некои прилично добри операции, но никогаш не сум видел нешто слично на ова, продолжи тој, реферирајќи на претходните надворешнополитички интервенции.
– Можев да го следам секој аспект на операцијата, помеѓу местото каде што бевме на Флорида и теренот во Венецуела, додаде тој.
Трамп рече дека САД ќе бидат „силно вклучени“ во нафтената индустрија на Венецуела во иднина.
Тој додаде дека разговарал со Мадуро „пред една недела“ и дека му рекол „мора да се откажеш, мора да се предадеш“.
– Моравме да направиме нешто многу похируршко, многу помоќно, рече Трамп.
Тој информира дека венецуелскиот претседател Мадуро и неговата сопруга патуваат за Њујорк откако беа заробени од САД. Американскиот претседател додаде дека двајцата се обвинети во Њујорк и оти ќе патуваат до државата со хеликоптер и брод.
– Тие убија многу луѓе и многу Американци, дури и луѓе во сопствената земја, рече Трамп.




