Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп рече дека ќе реагира на ист начин како Израел по нападот на Хамас на 7 октомври, но нагласи дека Израел ја губи меѓународната поддршка и треба да ја прекине својата војна против исламистичката група во Газа.

Убиственото дивеење на Хамас низ јужен Израел е „една од најтажните работи што некогаш сум ги видел“, рече Трамп.

„Но, треба да ја завршите вашата војна. Мора да ја завршите“, нагласи тој.

Поранешниот американски претседател ова го изјави во интервју за израелскиот весник Израел Хајом објавено денеска. Снимката од интервјуто е објавена на порталот на тој весник.

Трамп беше прашан и како би реагирал доколку неговото семејство било жртва на напад на Хамас.

“Би рекол дека би го направил истото како вас. Мора да си луд за да го направиш спротивното. Само будала не би го направил тоа. Тоа беше страшен напад”, рекол тој.

„Навистина ми пречи кога гледам дека луѓето повеќе не зборуваат за 7 октомври, туку за тоа колку Израел е агресивен“, додаде тој.

Според израелските податоци, во нападот, предводен од Хамас, загинаа 1.200 луѓе, а има повеќе од 250 заложници.