Американскиот претседател Доналд Трамп не стравува од отповикување, како и дека исплатите направени во 2016 година во неговата кампања за претседателските избори, што неговиот личен адвокат Мајкл Коен им ги дал на две жени, не значат кршење на законот.
-Тешко е да се отповика некој кој не направил ништо лошо и кој ја создал најдобрата економија во историјата на нашата земја, нагласува Трамп во интервју чии делови денеска пренесуваат американски медиуми.
– Не сум загрижен, не. Мислам дека луѓето би се бунтувале ако тоа се случи, истакна американскиот претседател.
Сојузните истражители во Њујорк минатата недела објавија дека Трамп му наредил на Коен да им плати на две жени шестцифрена сума за да не зборуваат за наводната врска со него, пред претседателската кампања.
Иследниците веруваат дека тие плаќања ги прекршиле законите за прилози во кампањата, дефинирани како вредности дадени за да влијаат врз резултатите од изборите, кои мора да бидат јавни и ограничени на 2,7 илјади долари по лице.
Демократите веруваат дека таквото кршење на законот би било доволно за импичмент, иако некои партиски лидери во Конгресот се прашуваат дали ова е доволно сериозен криминал за да го активира тој процес.
За ова, потребно е мнозинство во Претставничкиот дом, во кое демократите ќе ја преземат контролата во јануари. Но, отстранувањето на претседателот бара двотретинско мнозинство во Сенатот, што останува под контрола на републиканците.
На Коен денеска ќе му биде изнесена пресуда за плаќањето на двете жени – порно актерката Сторми Даниелс и поранешната Плејбој ѕвезда, Карен Мекдугал. Трамп ги отфрли тврдењата дека имал афера со нив.
Претходно оваа година, тој призна дека на Коен му вратил 130.000 долари што и ги дал на Даниелс, со вистинското име Стефани Клифорд. Претходно, тврдеше дека не знаел ништо за тие исплати.
Трамп го обвини Коен поради лаги за да добие помала затворска казна. Тој повика на висока казна, а во вторникот рече дека требал да знае за законите за финансирање на кампањата.