Француската полиција се уште е во потрага по мажот кој вчера изврши напад на Божикниот пазар во центарот на Стразбур, а петмина се приведени во рамки на истрагата за инцидентот, изјави државниот секретар на француското Министерство за внатрешни работи, Лоран Нуњез.

Тој истакна дека напаѓачот би можел на побегне во соседна Германија.

Во вчерашниот напад загинаа три лица, а 13 се повредени, од кои осуммина потешко.

Нуњез ги демантираше медиумските наводи дека во тек е полициска интервенција во познатата катедрала во Стразбур, но потенцира дека потрагата постојано го менува правецот.

Според него, напаѓачот е идентификуван како осомничен екстремист, кој издржувал затворска казна, но засега не е познат мотивот за нападот. Локалните медиуми пишуваат дека неговото име е Шериф К. по потекло од Стразбур и има 29 години. На полицијата и е познат по извршени прекршоци во Франција и Германија, поради кои издржувал затворски казни. Во 2011 година бил осуден на две години затвор, вклучувајќи и шест месеци строг затвор.

Францускиот претседател Емануел Макрон во текот на ноќта имал состанок со кризната група, а на Твитер повикал на солидарност кон Стразбур, жртвите во нападот и нивните семејства.

Секторот на париското обвинителство за борба против тероризам покрена истрага за „убиство и обид за убиство во рамки на терористички акт“ и „злосторничко терористичко здружување“.

– Француската Влада го зголеми нивото на безбедност на „вонредно во случај на напад“, а околу 350 полицајци и два хеликоптера и понатаму се во потрага по осомничениот, кој долги години е радикализиран и двапати го кршел законот, изјави францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер.

Нема поврзаност меѓу синоќешниот напад во Стразбур и Белгија, информираше утрово белгискиот министер за правда, Кун Генс и нивото на безбедбност во Белгија останува непроменето.

По париските атентати во 2015 година, во кои голем број од напаѓачите или беа по потекло од Белгија или на некој начин беа поврзани со оваа соседна земја, белгиските власти редовно разменуваат информации со француските колеги.

Овојпат напаѓачот од Стразбур не им е познат на белгиските власти, увери министерот, иако се уште се трага по него од двете страни на француско-белгиска граница. Сепак не е извесно дали напаѓачот побегнал од Франција.

– Нема индикации дека Белгија може да биде таргетирана, изјави министерот

Засега нема ниту потврда дали нападот на Божикниот пазар во Стразбур се смета за терористички.