Повеќе косовски градови осамнаа денеска закитени со американскио знамиња, во знак на благодарност до САД за поддршката за формирањето на војската на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Американски знамиња се веат низ целата пешачка зона во центарот на Приштина , како и долж булеварите „Џорџ Буш“ и „Бил Клинтон“, а знамето на САД е истакнато и пред Владата на Косово, заедно со косовското, албанското и знамињата на НАТО и Европската унија.

Медиумите јавуваат дека со американски знамиња се закитени и центрите на неколку други косовски градови.

Собранието на Косово в петок треба да ја заокружи законската процедура со изгласувањето на пакетот закони, со кои досегашните Косовски безбедносни сили (ФСК) практично се трансформираат во војска на Косово.

Најголемата поддршка за формирањето вооружени сили на Косово даваат САД, а новоименуваниот американски амбасадор во Приштина, Филип Коснет, деновиве експлицитно изјави дека Вашингтон смета оти Косово треба да има сопствена војска.