Синот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Доналд Трамп помладиот, ја критикуваше одлуката на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден да и дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел ATACMS за напади на руска територија.

– Се чини дека воено-индустрискиот комплекс сака да се увери дека Третата светска војна ќе почне пред татко ми да има шанса да постигне мир и да спаси животи. Треба да се спасат трилиони. Имбецили!, напиша Трамп помладиот.

Според пишувањето на „Њујорк тајмс“ и наводи на Ројтерс и некои други медиуми, администрацијата на претседателот во заминување Џозеф Бајден вчера и одобрила на Украина да користи крстосувачки ракети со долг дострел ATACMS за напади длабоко во руска територија, а потоа, како што пренесува „Фигаро“, истото го направиле и Франција и Велика Британија, дозволувајќи употреба на ракети SCALP/Сторм шедоу.