Американскиот претседател Доналд Трамп вчера во Северна Каролина се појави со маска на лицето и зборуваше за можноста за добивање вакцина против коронавирусот до крајот на годинава, додека се обидуваше да ги убеди гласачите на оваа сојузна држава дека добро управува со кризата.
Трамп, чија популарност опаѓа во последните неколку месеци, бидејќи многу Американци веруваат дека лошо управува со пандемијата, го смени својот досега лежерен однос кон заразата.
-Верувам дека сите Американци ќе ја направат вистинската работа, но ние силно ги советуваме да се фокусираат, особено на одржувањето на социјалната дистанца и личната хигиена, да ги избегнуваат масовните собири и барови, и особено да носат маски таму каде има потреба за тоа, рече Трамп за време на обиколката на фабриката „Фуџифилм“ во Морисвил, во Северна Каролина, во која се спроведува дел од истражувањето за новата вакцина.
Трамп носеше маска додека ги разгледуваше постројките во фабриката.
-Слушнав многу добри работи. До крајот на годината мислиме дека сме на добар пат да успееме, рече американскиот претседател, осврнувајќи се на развојот на вакцина против коронавирус.
Северна Каролина е една од американските држави во која ќе има крајно неизвесна борба меѓу републиканскиот претседател и кандидатот за демократите Џо Бајден, и во која се очекува да се одлучи победникот на претседателските избори во ноември.
На изборите во 2016 година Трамп тесно победи во оваа драва, но сега токму во неа заостанува седум процентни поени зад Бајден.